ПОВЕЌЕ

    Нема лек, има превенција: Македонија со 38 нови случаи и пад на смртноста од ХИВ/СИДА

    Време зa читање: 4 минути

    Годинава во Македонија се регистрирани 38 нови случаи на ХИВ/СИДА, што претставува пад од 25,5 отсто споредено со ланските податоци. Состојбата е заклучно со 27 ноември. Инциденцата изнесува 2,1 на 100.000 жители и е под просекот на ЕУ, но од Институтот за јавно здравје предупредуваат дека ризиците и натаму се високи кај одредени групи граѓани, особено кај помладата популација. Истовремено, евидентирани се и 8 смртни случаи поврзани со оваа болест. Оттаму и пораката – со ХИВ/СИДА се живее, смртноста е намалена, но од извонредно знање е превенцијата и раната детекција на вирусот. А, први декември е Светски ден за борба против СИДА.

    Новорегистрираните лица се на возраст од 23 до 64 години, при што просекот е 35 години. Меѓу нив, највисок е процентот (73,7%) на лицата од 20 до 39 години. Период во кој популацијата е сексуално најактивна.

    Статистиката на ИЈЗ покажува дека најчесто се заразуваат мажите. Тоа го потврдуваат и бројките – 37 од новите во евиденцијата се машки. Како што наведуваат од ИЈЗ, од анализата на пристигнатите пријави во кои има конкретен податок за веројатниот ризик за стекнување на ХИВ инфекција, регистрирани се 5 лица со хетеросексуална трансмисија, а 29 се од МСМ популацијата (мажи кои имаат секс со мажи). Ова ја следи европската тенденција, каде што МСМ популацијата е најризичната група.

    Гледано по градови, 15 од случаите се забележани во Скопје, што одговара на инциденца од 2,5 на 100.000 жители. Ваква појава има и во 14 други градови, како на пример три во Тетово, по два во Прилеп, Охрид, Струга… Исто како и во Виница, каде што инциденцата е најголема (13,8/100.000 жители) поради малубројноста на населението. Регистриран е и еден странски државјанин.

    Што се однесува до движењата во периодот од 1987 до 2025 година, во земјава се регистрирани вкупно 726 случаи. Од нив, 32 отсто се дијагностицирани во последните пет години. Инаку, просечната возраст кога била поставена дијагнозата е 34 години (опсег од 0-85 години). Дистрибуцијата по возраст укажува дека најзафатени се сексуално активните лица на возраст од 20-39 години кои чинат речиси три четвртини од дијагностицираните случа. На млади на возраст до 19 години отпаѓаат помалку од два проценти.

    Доминантни со 90 отсто се мажите (655 случаи). Всушност, тој тренд е присутен веќе 15 години.

    Во целиот тој период починале 138 лица (18,2%). Од ИЈЗ истакнуваат дека со современата антиретровирусна терапија, последниве 10 години смртноста се намалила на 7,4 проценти или на 33 од 447 дијагностицирани случаи.

    Во главниот град се забележани 328 случаи, во Тетово 42, Прилеп 34, Штип и  Куманово по 32… Повеќе од 40 општини имаат барем еден регистриран случај во периодот од 1987 година па досега.

    И во вкупната статистика МСМ популацијата доминира со 62,1 отсто (451) од сите случаи. Понатаму, со 31,5 проценти следи хетеросексуалниот пренос (229), инјектирањето дрога било причина во 1,7 отсто од случаите (12), а вертикалниот пренос, или од мајка на дете – 0,8 проценти (6).

    Во светски рамки досега се регистрирани околу 44,1 милион смртни случаи. Проценките велат дека на крајот од минатата година во светот живееле 40,8 милиони луѓе со ХИВ. Најголемиот дел од нив (65%) се во африканскиот регион на СЗО. Од причини поврзани со ХИВ се цени дека лани починале околу 630 илјади лица, а вирусот го добиле 1,3 милиони луѓе.

    На 1 декември, СЗО се приклучува кон партнерите и заедниците во одбележувањето на Светскиот ден за борба против СИДА 2025, под мотото „Надминување на нарушувањата, трансформирање на одговорот кон СИДА“, повикувајќи на континуирано политичко водство, меѓународна соработка и пристапи засновани на човекови права за ставање крај на СИДА до 2030 година.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично