
Тетово, градот под Шара, има силен локален идентитет и препознатливо мултикултурно окружување. Според едно од најпознатите толкувања, името потекнува од старословенскиот глагол „хтјати“ (сака), а „хтјатово“ значело „сакано место“, од што со текот на времето се развило денешното име Тетово. Не е случајно што тетовчани и денес често го нарекуваат својот град „саканиот град“.
Денес, покрај културното значење, Тетово има и важно економско место во државата, со компании активни во автомобилската индустрија, градежништвото, трговијата, услугите и логистиката.
Анализата на порталот Пари во соработка со Бизнис мрежа ги разгледува десетте најголеми компании во Тетово. Во 2024 година, водечките компании оствариле вкупен приход од 241,5 милиони евра, што е раст од 8,2 насто во однос на 2023 година. Вкупната добивка се искачила на 15,9 милиони евра, што претставува раст од 7,4 насто, додека бројот на вработени паднал на 2.801 лице, односно 11,5 насто помалку од претходната година.
Најдинамична е категоријата на плати: вкупниот износ на прикажаните просечни плати за компаниите што се топ 10 достигнува 22.573 евра, наспроти 5.545 евра во 2023 година.
ЛЕАР Е НЕДОСТИЖЕН НА ВРВОТ ПО ПРИХОД, А АК ИНВЕСТ ИМА НАЈГОЛЕМ РАСТ
Вкупниот приход на ударната тетовска десетка лани изнесувал 241,5 милиони евра, проследен со зголемување од 8,2 насто. Тоа, пак, произлегува од растот регистриран кај седум од нив.
Најголемиот обрт на средства, од 125,6 милиони евра, е направен во ЛЕАР ЦОРПОРАТИОН МАКЕДОНИЈА, и е далеку од останатите девет во однос на остварениот промет. Оваа компанија произведува делови за моторни возила.
ПОФИКС е второрангирана компанија којашто се занимава со производство на малтер и обезбедил приход од 24,6 милиони евра.
Секако, пари има и во изградба на станбени и нестанбени згради. Компанијата АК ИНВЕСТ е на трето место и лани остварила приход од 20,1 милион евра, но со многу поголем раст во однос на 2023 година, речиси 162 насто.
Со трговија на моторни возила, АРРБОРА го зазема четвртото место со приход од 14,4 милиони евра.
Првата петка ја заокружува фирмата ЕАКОМ ДООЕЛ со 13,6 милиони евра, која гради станбени и нестанбени згради.
На оваа топ 10 листа има и компанија од дејноста игри на среќа и компанија што се занимава со производство на млечни производи.
Топ 10 компании по приход во Тетово
Извор: Бизнис Мрежа
КОИ СЕ НАЈПРОФИТАБИЛНИ КОМПАНИИ?
Десетте најпрофитабилни компании во Тетово имаат заедничко остварување од 15,9 милиони евра. Финансиската слика е подобра за 7,4 насто. Треба да се напомене дека осум од најпрофитните не се и во друштвото на најприходните. Се повторуваат ПОФИКС, кој е лидер од табелата со профит од 3,9 милиони евра, и АК ИНВЕСТ со 1,7 милиони евра е на третото место по добивка, исто како и по приход.
Второто место го зазема фирма што ја нема во топ 10 компании по приходи ‒ ПАЛМА ТРАДЕ, со профит од 1,7 милиони евра и раст од над 42 насто во однос на 2023 година.
Најголем процентуален пораст во однос на прекланската година има остварено компанијата ИЗО СТОНЕ (91 насто), која се занимава со изградба на станбени и нестанбени згради.
Намалување на профитот е забележано кај НБ-ЦОМПАНУ (‒ 21,22 %), ТЕТЕКС (‒ 26,55 %), ЕАКОМ (‒ 16,76 %) и АРБЕРИА-ДЕСИГН (‒ 17,72 %).
Топ 10 компании по добивка во Тетово
Извор: Бизнис Мрежа
НАЈГОЛЕМ РАБОТОДАВАЧ Е…
Кај најголемите работодавачи во Тетово платата ја заработуваат 2.801 лице. Една година пред тоа работните активности ги изведувале 3.166 вработени, и има намалување за 11,5 насто.
Од вкупниот број, 1.758 лица се ангажирани од ЛЕАР ЦОРПОРАТИОН, компанија којашто лани функционирала со тим од 2.019 лица.
Компаниите под неа се со многу помалку вработени и се движат од 80 до 142. Голем подем има во СЕКУРИТАС-М, од 66 лица во 2023 година на 118 лица во 2024 година.
Најголемо намалување има во Јавното комунално претпријатие ТЕТОВО (59,03 насто), од 227 лица преклани на 93 лица во 2024 година.
Топ 10 компании по број на вработени во Тетово
Извор: Бизнис Мрежа
ВИСОКИ ПЛАТИ ВО ФИРМИ СО ПО ЕДЕН ВРАБОТЕН
Девет компании од Тетово од категоријата плати не се директно поврзани ниту со приходите ниту со добивките на најголемите компании. Тука се појавуваат сосем други имиња. Единствено ЕКОЛОГ се појавува и на оваа листа, како и на листите за приход и вработени.
Вкупната сума на прикажаните просечни плати кај овие десет компании во 2024 година изнесува 22.573 евра, наспроти само 5.545 евра во 2023 година, што скок од дури 307 насто. На врвот е ЛОРЕНЦО ПЛУС, со просечна плата од 4.849 евра, што претставува екстремен раст во однос на ланските 79 евра, а имал по 10 вработени и во 2023 и во 2024 година. Веднаш зад неа е УНИВЕРЗАЛ ЛОГИСТИК СОЛУШН со 3.044 евра и раст од 257 насто. Оваа фирма имала само еден вработен во 2024 година, а преклани броела 3 лица.
Силен подем бележи и ПРИМА МЕДИКАЛ, каде што просечната плата се искачила на 2.334 евра во 2024 година со еден вработен, што е зголемување од над 550 насто во однос на претходната година, кога бројот на вработени бил 6 лица.
Сериозен раст има и кај РЕЛУКС-ЦЕРАМИЦ, со плата од 1.589 евра и зголемување од повеќе од 180 насто, а вработен во оваа компанија лани бил само еден човек.
Највисоките просечни плати во Тетово ги исплаќаат компании што не се меѓу најголемите по промет, туку фирми со мал број вработени каде што платата по човек природно е повисока. Затоа и статистиката за плати во Тетово изгледа експлозивно, а не затоа што целиот град одеднаш се претворил во оаза на високи плати.
Топ 10 компании по исплатени просечни плати во Тетово
Извор: Бизнис Мрежа
Катерина Михајлова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








