ПОВЕЌЕ

    РАСТЕ ТРЕНДОТ НА КУПУВАЊЕ НОВИ ВОЗИЛА: Во пет салони оставени се 300 милиони евра

    Време зa читање: 5 минути

    Автомобилската индустрија во Македонија и годинава продолжи да се движи по брзата лента. Во 2024 година, трговијата на големо со моторни возила бележи значителен раст на приходот, добивката и бројот на вработени, а дури и просечните плати во секторот покажуваат нагорен тренд. Македонците им остануваат верни на европските брендови, особено на германските производители, кои и понатаму ја доминираат продажбата.

    Од податоците на Бизнис Мрежа, што ги анализираше порталот Пари, компаниите што се топ 5 на пазарот остварија вкупен приход од 302,9 милиони евра, што е за 17,2 насто повеќе од она што истите тие компании го остварија во 2023 година. Четири од овие 5 компании се и во групата најголеми по профит. Профитот, пак, скокна повеќе од 31,1 милион евра, што е за 56 насто повеќе од нивниот добитен резултат во 2023 година, а тоа е резултат на зголемена продажба, подобра оперативна ефикасност и стабилизирани трошоци на увозниците.

    ЛИДЕР ПО ПРИХОД Е ПОРШЕ

    Податоците откриваат дека најголем приход во сегментот трговија со нови возила во 2024 година повторно има Порше Македонија ‒ увозникот на реномираните германски марки фолксваген, ауди, порше, како и на чешката шкода и шпанскиот сеат. Со приход од 100,3 милиони евра, компанијата ја потврдува својата позиција на апсолутен пазарен лидер, бележејќи раст од 8,44 насто во однос на 2023 година.

    Веднаш зад неа е Мак Аутостар, со 77,3 милиони евра приход и раст од 6,29 насто. Компанијата е и генерален дистрибутер на повеќе автомобилски брендови за продажба и одржување: мерцедес-бенц патнички и товарни возила, унимог, сетра, евобус, ролс ројс, мицубиши фусо, а овластен сервис e на мицубиши. Компанијата го задржува второто место, но со послаб процентуален раст од просекот на пазарот, што укажува на стабилна, но не експанзивна година.

    Трет на листата по остварен приход е застапникот на пежо, Еуроимпекс. Граѓаните и фирмите во оваа компанија купиле моторни возила во износ од 56,1 милион евра, со раст од 29,91 насто во однос на 2023 година.

    Највисок раст во 2024 година, од 42,46 насто, има остварено Автонова, увозник на ситроен (од 37,8 на 53,9 милиони евра).

    Премиум Брандс, иако со помал апсолутен приход, покажува солиден раст од 24,65 насто, што укажува на проширување на пазарното учество, а остварениот промет на оваа компанија е 15,3 милиони евра.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ПЕТТЕ НАЈПРОФИТАБИЛНИ КОМПАНИИ ИМААТ ЗАЕДНИЧКА ДОБИВКА ОД НАД 31 МИЛИОН ЕВРА

    Интересно е што лидерите по приход не се секогаш и лидери по добивка. На првото место по профит во 2024 година е Ма Труст, со импресивни 9,9 милиони евра добивка, што е раст од 129,22 насто во однос на 2023 година. Оваа компанија не е меѓу топ 5 по приход, што укажува на висока ефикасност и рентабилност.

    Мак Аутостар е втор со 8,2 милиони евра добивка (+ 27,89 %), додека Порше Македонија, иако најголем по приход, е трет со 5,6 милиони евра и остварил висок раст на профитот од 40,98 насто.

    Автонова исто така бележи високиот процентен раст во оваа група од 69,63 насто, со скок на добивката од 2,9 на 5 милиони евра за 2024 година.

    Еуроимпекс има умерен раст од 5,32 насто, но останува стабилен играч со добивка од 2,4 милиони евра.

    Вкупната добивка на овие пет компании пораснала од 19,9 на 31,1 милион евра, што е раст од 56,28 насто, јасен сигнал дека 2024 година била многу профитабилна за индустријата.

    Извор: Бизнис Мрежа

    КОЛКУ ВРАБОТЕНИ ИМА АНГАЖИРАНО ОВАА ТРГОВИЈА?

    Во делот на човечките ресурси, вкупниот број на вработени во топ компаниите пораснал од 345 на 364, што претставува раст од 5,51 насто.

    Најголем работодавач е Порше Македонија со 103 вработени, иако има мал пад од 2,83 насто.

    Втор најголем работодавач е Еуроимпекс со 95 вработени и има благо зголемување од 3,26 насто.

    Потоа следи Мак Аутостар. Оваа компанија има ангажирано 76 лица.

    На четврто место се наоѓа Автонова со 46 вработени и раст од 9,52 насто во однос на преклани.

    На петтата позиција е Премиум Брандс ‒ бележи најголем раст во бројот на вработени од 46,67 насто, а вкупно има 44 лица во компанијата.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ПРОСЕЧНИТЕ ПЛАТИ СЕ ДВИЖАТ ОД 813 ДО 1.305 ЕВРА

    Вкупната просечна месечна плата на сите пет компании во оваа дејност изнесува 5.174 евра, наспроти 4.956 евра во 2023 година, што претставува раст од 4,40 насто.

    Највисоки плати, од 1.305 евра, исплаќа Порше Македонија, со раст од 8,65 насто, додека Мак Аутостар е единствена со пад (‒ 8,73 %), но сепак има висока плата ‒ 1.119 евра.

    Иако МАН Импортер Македонија ДООЕЛ Илинден не се појавува меѓу водечките компании по приход, добивка или број на вработени, компанијата сепак се истакнува во категоријата на надоместоци. Во 2024 година е на третата позиција по просечна плата со 1.088 евра, што е раст од 2,57 насто во однос на 2023 година.

    Значителен раст бележат и Каргомакс (+ 14,02 %) и Еуроимпекс (+ 12,32 %).

    Извор: Бизнис Мрежа

    Катерина Михајлова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично