ПОВЕЌЕ

    Димитриеска-Кочоска: Предлог-буџетот укажува на стабилност, предвидливост и одговорно управување со јавните финансии

    Време зa читање: 3 минути

    „Буџетот за 2026 година е доказ дека можеме да управуваме паметно, дисциплинирано и визионерски, дури и во време на глобални предизвици. Со овој документ, Владата ја зајакнува довербата во институциите, ја поддржува улогата на приватниот сектор како двигател на економскиот раст и создава услови за интензивирање на домашните и странските инвестиции“ – нагласи министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска образложувајќи го најзначајниот државен финаниски документ предложен за идната година пред собраниската Комисија за финансирање и буџет.

    Според неа, Предлог-буџетот за 2026 година ја потврдува посветеноста на Владата кон стабилноста, предвидливоста и одговорното управување со јавните финансии. Затоа, вели, претставува економска порака за раст, инвестиции и сигурност за граѓаните, компаниите и институциите.

    Притоа, истакна, дека за овој владин состав е важно тоа што „не зборуваме многу, туку испорачуваме“, додавајќи: „Ветивме постепена фискална консолидација, како пред граѓаните така и пред меѓународните финансиски институции и остануваме на ветеното“.

    Димитриеска-Кочоска рече дека проекциите за идната година укажуваат на континуитет на економската стабилност и раст заснован на одговорни фискални политики, инвестиции во инфраструктура и човечки капитал, како и поттикнување на продуктивноста и конкурентноста на домашната економија.

    Посебно го издвои моментот дека во предложениот буџетски документ напорите се насочени кон подобра наплата на сопствените приходи од страна на буџетските корисници, рационално користење на јавните средства, навремено и реално планирање на капиталните расходи. Ќе има построги критериуми при субвенционирањето и кај социјалните трансфери.

    Предложениот буџет идната година треба да има шест милијарди евра на приходната и 6,7 милијарди евра на расходната страна. Растот на економската активност, според предвидувањата, би требало да биде поддржан со нови инвестиции, отворање производствени капацитети и активни мерки за вработување, при што бројот на вработени ќе порасне за 1,6 насто, а невработеноста ќе се намали на 10,1 насто. Просечната нето-плата се очекува да порасне номинално за 6,5 насто.

    Главен двигател на растот ќе биде домашната побарувачка, поддржана од зголемување на инвестициите за 8,4 насто, особено во инфраструктурни проекти како коридорите 8 и 10-д, железничкиот транспорт, енергетиката и земјоделството. Владата очекува значителен придонес и од домашните и странските инвеститори преку нови капацитети во технолошко-индустриските зони.

    Буџетот за 2026 година е дефиниран како консолидиран и реален, со фокус на фискалната дисциплина, транспарентноста и ефикасното трошење на јавните пари. Владата најавува строга контрола при преземањето нови обврски, рационално користење на средствата и дигитализација на процесите за подобри јавни услуги. Како што рече министерката за финансии, ќе има построги критериуми и при субвенционирањето и кај социјалните трансфери, за кои се наменети 3,35 милијарди евра. Најголемиот дел од 1,9 милијарди евра се проектирани за исплатата на пензиите.

    Матичната комисја денес ја почна расправата за предложениот Буџет 2026. Од пратениците се поднесени стотина амандмани.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично