Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел објави дека досега повеќе од половина милион луѓе се евакуирани на Куба во очекување на ураганот Мелиса, а метеоролозите изјавија дека невремето од категорија 3 ќе предизвика значителни штети во Сантијаго де Куба и околните области.
Ураганот Мелиса стигна до источна Куба рано во среда со ветрови од 193 км/ч откако ја погоди Јамајка како еден од најсилните регистрирани урагани во Атлантикот, заканувајќи се да ја влоши тешката економска криза на островската земја, откако официјалните лица евакуираа над 700.000 луѓе.
Бурата веќе беше причина за седум смртни случаи на Карибите, вклучувајќи три во Јамајка, три во Хаити и едно во Доминиканската Република, каде што уште едно лице сè уште се води како исчезнато.
Разорниот ураган стигна до копно во близина на Чивирико, во покраината Сантијаго де Куба.
Се очекуваше бурата да генерира бранови високи и до 3,6 метри во регионот и да донесе над половина метар врнежи на дожд на квадратен метар, во делови од источна Куба.
Се предвидува дека Мелиса ќе го премине островот во текот на утрото и ќе се пресели на Бахамите подоцна во среда.
Продолжените интензивни дождови би можеле да предизвикаат поплави опасни по живот со бројни лизгања на земјиштето, соопштија американските метеоролозите. На Бермудите е на сила предупредување за ураган.
Додека ураганот Мелиса стигна до копното на Куба, расте загриженоста не само за неговото непосредно влијание, туку и за последиците. Ураганот може да ја влоши тешката економска криза во Куба, која веќе доведе до продолжен недостиг на електрична енергија и храна.
„Ќе има многу работа. Знаеме дека ќе има многу штета“, рече кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел во телевизиско обраќање, во кое увери дека „никој не е оставен сам за себе и дека не се штедат ресурси за заштита на животите на населението“.
Во исто време, тој го повика населението да не ја потценува моќта на ураганот Мелиса, „најсилниот што некогаш ја погодил националната територија“.
Провинциите од Гвантанамо – на далечниот исток – до Камагуеј, речиси во центарот на островот, веќе ги прекинаа наставните активности во понеделник.
ЈАМАЈКА ГИ ПРОЦЕНУВА ШТЕТИТЕ ОД МЕЛИСА
Додека Куба се подготвуваше за бурата, официјалните лица во Јамајка се подготвуваа да ја проценат штетата.
Обемни штети се пријавени во делови од Кларендон во јужна Јамајка и во југозападната парохија Света Елизабета, која беше „под вода“, рече Дезмонд Мекензи, заменик-претседател на Советот за управување со ризици од катастрофи на Јамајка.
Бурата, исто така, оштети четири болници и остави една без струја, принудувајќи ги службениците да евакуираат 75 пациенти, рече Мекензи.
Повеќе од половина милион клиенти беа без струја доцна во вторникот, бидејќи службениците објавија дека поголемиот дел од островот доживеал паднати дрвја, далноводи и обемни поплави.
Стотици патници се соочуваат со откажувања и доцнења на летови поради ударот на ураганот Мелиса.
Владата соопшти дека се надева дека ќе ги отвори сите аеродроми на Јамајка уште во четврток за да обезбеди брза дистрибуција на залихи за итна помош.
(Фото: AP)
Аналитика








