ПОВЕЌЕ

    ЕНЕРГЕТСКАТА СТАБИЛНОСТ НЕ Е САМО ЕКОНОМСКО, туку и безбедносно прашање, истакна Мицковски на меѓународниот Форум за енергетика

    Време зa читање: 3 минути

    Енергетската стабилност не е веќе само економско, туку и безбедносно прашање, истакна македонскиот премиер Христијан Мицковски, отворајќи го денес 14-ти Меѓународен форум за енергетика и одржлив развој, што наредниве три дена ќе се одржува во Скопје, во организација на домашното Министерство за енергетика во соработка со Канцеларијата на Програмата за развој на Обединетите нации УНДП во Скопје, како и и петте регионални комисии на Обединетите Нации, UNECE, UNESCSP, UNECLAC, UNECA и ESCWA.

    Во изминатите неколку месеци, направивме значителни чекори напред: започнавме интензивно со инвестиции во обновливи извори на енергија, воспоставивме јасни регулаторни рамки, изградивме енергетски интерконектори со соседните земји, започнавме програми за енергетска ефикасност во јавниот и приватниот сектор, потсети премиерот.

    Се поставуваат соларни и ветерни паркови кои пред само една деценија беа визија на хартија. Сега тие се реалност, дел од мрежата што ја храни иднината. Паралелно, инвестираме во човечки капитал, затоа што знаеме дека енергијата не доаѓа само од природата, туку и од луѓето кои создаваат, иновираат и сонуваат.

    „Како човек кој самиот доаѓа од енергетскиот сектор, добро знам колку е важно тоа чувство на постојано движење, на промена и на одговорност. Затоа енергетиката е поставена високо на државната агенда – не како техничко прашање, туку како национален приоритет и државна стратегија“, рече Мицковски.

    „Нашата визија е јасна: да ја подготвиме за иднината државата – за климатските предизвици, за технолошките промени и за глобалните ризици. Да создадеме регионален пример на стабилна, чиста и независна енергетска економија. Знаеме дека тоа бара време, ресурси и упорност. Но, уште повеќе бара вера во сопствените сили. Затоа што транзицијата не е само технолошка — таа е ментална, вредносна и цивилизациска“, рече Мицкоски.

    Меѓународниот форум за енергија за одржлив развој, годинава се одржува под наслов „Од цели кон акција: Напојувајќи ја иднината со одржлива енергија“. Се очекуваат над 600 учесници од 70 земји, вклучувајќи владини претставници, претставници на меѓународни организации, банки, академската сфера, приватниот сектор и организациите на граѓанското општество. Преку 150 експерти ќе дискутираат на 35 панел дискусии. Примарната цел на тридневниот форум се глобалните аспирации да преминат во остварливи акции – со јасни мерки за диверзификација на ресурсите, забрзување на обновливите инвестиции и унапредување на регионалната кооперација за енергетска стабилност.

    Освен премиерот Христијан Мицкоски, на Форумот се обрати иминистерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, Татијана Молчан, извршна секретарка на Економската комисија на Обединетите нации за Европа (UNECE), како и Армен Григоријан, постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

    Божиновска потсети на макотрпниот процес на модернизација на преносната мрежа која е во тек, како и на изградбата на интерконекторите со соседните држави. Според министерката, енергетската транзиција мора да биде правична, со фокус врз луѓето, а не на технологијата. „Енергетската иднина ќе зависи од одлуките што ги носиме денес“, потсети министерката за енергетика, Сања Божиновска, отворајќи го Форумот за енергетика.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично