Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од СДСМ, Горан Герасимовски, во гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 изјави дека сите зелени површини на територијата на општината се евидентирани во јавниот ГИС-портал, каде што, како што рече, се води евиденција за „над 10.000 садници“ со придружни фотографии.
„Имаме ГИС портал кадешто во моментов се детектираат сите зелени површини во градот. Имаме над 10.000 садници коишто се со слика… јавно достапен е,“ изјави Герасимовски.
Според него, платформата се проширува со нови функции: со регистрација корисниците ќе имаат пристап до важечките детални урбанистички планови (ДУП), ќе можат да пребаруваат градежни и катастарски парцели, а дел од услугите — како упис во градинки и училишта — ќе бидат достапни преку самиот портал. „ГИС порталот истиот го прошируваме за повеќе можности… да вадат ДУП-ови, да имаат увид во ДУП-овите,“ рече тој.
Герасимовски нагласи дека општината, во изминатиот период, засадила значителен број дрвја: „имаме голем број, над 4, 5.000 садници овие четири години кои се засадени на територија на Општина Центар.“ Како поголем предизвик го посочи одржувањето на зеленилото, укажувајќи на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“. „Поголем проблем ни е одржувањето… кое треба да ги наводнува зелените површини и не го прави истото. И затоа ние, со нашата цистерна го завршуваме и тоа онаму кадешто нема систем капка по капка,“ додаде тој.
Општина Центар, како што најави кандидатот, ќе продолжи со надградба на ГИС-порталот со цел поголема транспарентност и полесен пристап на граѓаните до урбанистичката и комуналната документација.