Над 45 концесиски договори во рударскиот сектор се веќе раскинати — 34 од нив еднострано, а 11 договори не биле продолжени по истекот, објави денес Министерката за енергетика, Сања Божиновска. Владата покажа со овие потези дека нема да толерира нарушување во рударскиот сектор – приоритет ќе бидат законитост, заштита на животната средина и одговорно користење на природните ресурси, појасни Божиновска.
На денешниот брифинг со новинари, министерката посочи дека причините за сите раскинувања на концесии се сериозни: се работело за нарушување на законските обврски и еколошки стандарди, неплаќање концесиски надоместоци, пренесување на договори без одобрение и експлоатација надвор од дозволените граници.
Од почетокот на годината па до 1 октомври се спроведени 170 вонредни и 78 редовни инспекциски надзори, нагласи министерката, додавајќи дека ќе се воведат и многу построги критериуми за издавање и следење на нови концесии.
„Сите концесии ќе бидат јавно објавени“, рече Божиновска, наведувајќи дека транспарентноста и отчетноста ќе бидат основа на новата политика.
Таа исто така откри дека Државниот инспекторат за енергетика и рударство работи со околу 14 инспектори, но недостасуваат уште толку за ефективен надзор.
Министерката Божиновска најави и дека Македонија ќе биде домаќин на глобалниот енергетски дијалог, од 28 до 30 октомври ќе се одржи Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14) што ќе се одржи од 28 до 30 октомври во Скопје, во организација на Министерството за енергетика и рударство и УНДП. На форумот ќе се расправа за Енергетска поврзаност и регионална соработка, енергетска безбедност и стабилност, за праведна енергетска транзиција, како и за меѓународна соработка и инвестиции.