По четврти пат, Охрид беше домаќин на еден од најзначајните регионални ИТ настани – Ingram & Vendors Networking #4, каде што лидерите во технологијата и дигиталната трансформација ја испорачаа својата визија за иднината на индустријата. Фокусот оваа година беше ставен на вештачката интелигенција како суштински дел од секојдневните бизнис процеси, а на сцената настапија глобални технолошки брендови како Cisco, Check Point, VMware by Broadcom, Dell Technologies, Veeam и IBM, со организација и координација од Ingram Micro.
Разговаравме со Филип Силјановски, генерален директор на Ingram Micro за Македонија, Албанија и Косово, за клучните поенти од настанот, стратешката улога на ВИ во модерниот бизнис, предизвиците на сајбер-безбедноста, како и за тоа што го очекува регионот во 2026 година, кога конференцијата ќе го одбележи своето јубилејно, петто издание.
ПАРИ: Ingram & Vendors Networking#4 во Охрид ја соедини ИТ елитата од регионот. Што беше клучната порака на оваа годинашна конференција?
Силјановски: Оваа година испративме јасна порака: вештачката интелигенција повеќе не е концепт, туку дел од реалното работење. Компаниите веќе ја интегрираат во своите процеси – не за да експериментираат, туку за да оптимизираат, автоматизираат и предвидуваат. Нашата цел беше да им понудиме на партнерите и клиентите конкретни решенија, алатки и примери за тоа како да ја трансформираат својата ИТ стратегија во функционален модел што носи резултати.
ПАРИ: Сите говорници ги отворија прашањата за иднината на сајбер безбедноста. Како гледате на оваа тема?
Силјановски: Безбедноста повеќе не е само одбранбен систем. Како што кажа нашиот предавач од вендорот Cisco, денес станува збор за интелигентна архитектура што предвидува и реагира во реално време. Вештачката интелигенција овозможува континуирана анализа на закани, со автоматско дејствување, вклучувајќи микросегментација и Zero Trust политики. Check Point, на пример, ја претстави нивната платформа за надворешно управување со ризик – Infinity ERM, како алатка што овозможува превентивна заштита врз основа на надворешна видливост.
ПАРИ: Еден од вендорите говореше за генеративната ВИ како „единствена можност што се случува еднаш во генерација“. Колку компаниите се подготвени за тоа?
Силјановски: Токму затоа организираме вакви конференции. Dell покажа конкретни решенија како ВИ се користи денес во supply chain, во продажни асистенти, во кодирање. Она што е важно да се разбере е дека ВИ не е само за големите компании со огромни буџети. Со вистинска стратегија, податоци и инфраструктура, секоја организација може да ја искористи. Нашата улога како Ingram Micro е да го премостиме јазот помеѓу иновацијата и реалната имплементација.
ПАРИ: Veeam и IBM отворија теми поврзани со податочна заштита и интерна дигитална трансформација. Каква е улогата на овие сегменти?
Силјановски: Без стабилна податочна основа, нема ВИ. Veeam го претстави својот нов Software Appliance, кој овозможува брзо, безбедно и автоматизирано backup решение, посебно за хибридни инфраструктури. Од друга страна, IBM ни покажа што значи да се трансформираш одвнатре, нивниот концепт Client Zero беше вистинска инспирација за сите кои сакаат да видат како изгледа продуктивност заснована на автоматизација и анализа. Двата примера ни покажаа дека податоците не се само ИТ ресурс – тие се дел од бизнис одлуките.
ПАРИ: VMware зборуваше за Private Cloud и Private AI. Како се позиционира Ingram Micro во однос на тие трендови?
Силјановски: VMware by Broadcom покажа дека Private Cloud веќе не е алтернатива – туку стратешка платформа за безбедност, контрола и оптимизација. Нивната Cloud Foundation 9.0 е конкретен пример како се спојуваат compute, storage, networking, automation и безбедност во една интегрирана средина. Тоа совршено се поклопува со визијата на Ingram Micro: да обезбедиме комплетни решенија, од инфраструктура до апликации, од облак до edge. Работиме со најдобрите производители за да им понудиме на партнерите консолидирана и скалабилна архитектура, базирана на реални потреби.
ПАРИ: Каков е фидбекот од учесниците на четвртото издание?
Силјановски: Добивме извонреден фидбек, како за содржината, за практичноста, така и за новите контакти. Учесниците беа благодарни што добија директен увид во технолошките насоки на глобалните брендови, адаптирани на нашиот регион. Она што го научивме од оваа година е дека пазарот е подготвен, сè што треба е вистинска поддршка и визија.
ПАРИ: Оваа година се одржа четвртото издание. Што да очекуваме во 2026 година?
Силјановски: 2026 ќе биде специјално издание, одбележуваме пет години од Ingram & Vendors Networking и сакаме да го направиме уште поексплозивно, а со тоа и уште поинтерактивно. Нашата цел е да ја надминеме класичната конференција и да понудиме искуство што ќе ги спои технолошките трендови со реалните бизнис процеси.
Очекувајте уште поголем фокус на интеграцијата на технологијата со конкретни индустрии и повеќе интеракција помеѓу партнери, клиенти и производители. Веќе почнавме со подготовките и можам да кажам дека амбициите се сериозни, воедно со тоа да поставиме нови стандарди за технолошки конференции во регионот.
Ќе продолжиме да ја градиме оваа платформа заедно со нашите доверливи партнери се со цел да ги едуцираме нашите клиенти кои ја прават оваа заедница силна.
Голема благодарност до сите вендори, поточно до Cisco, Check Point, VMware by Broadcom, Dell Technologies, Veeam и IBM, кои го поддржаа ова издание. Без нив, немаше да го имаме овој квалитет на содржина, визија и импакт.
Р.П.