ПОВЕЌЕ

    Политичките реклами донесоа над три милиони евра во телевизиските каси

    Време зa читање: 6 минути

    Медиумската сцена во Македонија ја заврши 2024 година со помал број радиодифузери во однос на почетокот. Ако на 1 јануари постоеја 103 субјекти (40 телевизии и 63 радиостаници), на крајот од годината останале 92, односно три телевизии и осум радиостаници го загубија правото на емитување. И покрај ова намалување, индустријата бележи раст на приходите, што пред сè е резултат на политичките циклуси, покажува анализата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2024 година.

    Телевизискиот пазар и улогата на изборите

    Финансиската слика на петте најголеми приватни телевизии покажува зголемување на приходите за 19% во однос на 2023 година. Овој скок, сепак, не е последица на економски развој или проширување на пазарот, туку на дополнителните 199,48 милиони денари (3,2 милиони евра) кои медиумите ги заработија од платено политичко рекламирање за време на парламентарните и претседателските избори.

    Лидер на пазарот останува Сител со приходи од 566,3 милиони денари (9,2 милиони евра), што претставува 43% од вкупниот колач. Канал 5 се позиционира на второто место со 281,8 милиони денари (4,5 милиони евра). Алсат-М оствари 180,63 милиони денари (2,9 милиони евра), Телма инкасираше 152,61 милиони денари (2,4 милиони евра), а Алфа заврши со 135,1 милиони денари (2,1 милиони евра).

    Ако се анализира индивидуално, сите телевизии освен Алфа бележат раст на приходите во 2024. Сител порасна за 19%, Телма дури за 33%, а Алсат-М за 13%. Единствено Алфа бележи пад од 3%. Интересно е што за Сител, Канал 5 и Телма токму 2024 година е рекордната по приходи во последните шест години, додека Алсат-М и Алфа својот врв го имаа во 2021.

    Доминантниот извор на средства останува рекламирањето, кое сочинува 95% од приходите на петте најголеми телевизии. Од нив, 80% доаѓаат од комерцијално рекламирање (1,051 милијарда денари или 17 милиони евра), а 15% од политички пораки (199,48 милиони денари или 3,2 милиони евра).

    Важно е да се забележи дека токму во 2024 година, за првпат по пандемијата, приходите од комерцијалните реклами го надминаа нивото од 2019 година, со номинален раст од 9,37%. Но, ако се земе предвид инфлацијата, реалниот раст е далеку поскромен.

    Иако најголеми приходи од политичко рекламирање инкасира Сител – 55,67 милиони денари (905.000 евра), токму Канал 5 емитува најмногу политички спотови (над 326.000 секунди). Алсат-М заработи 51,51 милион денари (837.000 евра), Телма – 25,77 милиони денари (419.000 евра), а Алфа, пак, најмалку – 14,65 милиони денари (238.000 евра). Разликите се должат на различните ценовни политики и привлечноста на каналите за политичките субјекти.

    Вкупните трошоци на петте телевизии достигнале 19,3 милиони евра, што е највисока бројка во последните шест години и за 8,12% повеќе од 2023. Главниот трошок се платите и надоместоците за вработените, кои во 2024 година изнесуваат 425,47 милиони денари (6,9 милиони евра). Сител останува телевизијата со најголем број вработени – 152 лица, во контекст на вкупно 585 вработени во сите пет телевизии заедно.

    Иако трошоците растат, сите телевизии завршиле со позитивен финансиски резултат. Најголема добивка бележи Сител со 98,76 милиони денари (1,6 милион евра). Добивката на оваа телевизија е речиси двојно повисока од заедничката добивка на сите други телевизии на пазарот (на државно, регионално и
    локално ниво) во 2024 година. Овој е најдобриот остварен финансиски резултат во овој сектор од телевизиската индустрија во последните шест години.

    МРТ, пак, ја заокружи 2024 година со рекордни приходи од 1,365 милијарди денари (22,2 милиони евра) и трошоци од 1,266 милијарди денари (20,6 милиони евра). Добивката изнесува 87,81 милион денари (1,4 милиони евра) – најдобар резултат во последните шест години.

    Радио-пазарот: раст без изборен ефект

    За разлика од телевизиите, радијата покажуваат поинаков тренд. Вкупните приходи на радиостаниците во 2024 изнесуваат 246,2 милиони денари (4 милиони евра), со добивка од 21,76 милиони денари (353.000 евра). Тоа е раст од 32,76% во споредба со претходната година.

    Зголемувањето не е врзано само за изборите, туку и за раст на комерцијалното рекламирање, особено кај државните (+8,93%) и регионалните радија (+25,69%). Единствено локалните радиостаници бележат пад од 3,16%.

    Вкупните трошоци на радиостаниците изнесувале 224,47 милиони денари (3,6 милиони евра). Трошоците на само три радиостаници (Антена 5, Канал 77 и Буба Мара) претставуваат 42,19 % од вкупните трошоци во индустријата. Во сите сегменти на радиоиндустријата биле потрошени повеќе средства отколку во претходната година. Најголем дел од трошоците (102,74 милиони денари) биле за плати и други надоместоци за вработените.

    Просечниот број вработени во редовен работен однос кај радиостаниците изнесувал 186 лица, од кои 57 лица биле вработени во четирите радиостаници што емитуваат програма на државно ниво, 60 лица во 14-те регионални радиостаници и 69 лица во 35-те локални радиостаници.

    Заедничкиот финансиски резултат од работењето бил добивка од 6,08 милиони денари (107,4 илјади евра). Најголема добивка успеала да оствари Буба Мара-5,40 милиони денари (87,8 илјади евра), што е највисока добивка остварена од страна на регионална радиостаница во периодот од 2019 до 2024 година. Освен Буба Мара, добивка на крајот од 2024 година оствариле уште осум регионални радија (Ват, Клуб ФМ, Лајф, Сити, Скај, Спортско радио 90,3 ФМ, Фортуна и Џез ФМ).

    Иако медиумската индустрија на прв поглед изгледа посилна, со раст на приходите и позитивни финансиски резултати, реалната слика е поинаква. Клучниот двигател е платеното политичко рекламирање, кое носи краткорочен финансиски ефект, но не гради долгорочна стабилност. Доказ за тоа е фактот што, ако се исклучат овие приходи, националните телевизии бележат минимален раст од само 0,92%, а регионалните и локалните телевизии се со пад. Радио-секторот е единствениот што покажува вистинска органска динамика.

    Катерина Михајлова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично