Градот Тојоаке во јапонската префектура Аичи влезе во историјата како една од првите локални заедници што реши да ја регулира употребата на дигиталните уреди преку официјална уредба. Со 12 гласа „за“ од вкупно 19 членови, Градскиот совет денес усвои правило со кое на граѓаните им се препорачува да го ограничат користењето на паметни телефони, конзоли за видео игри и други уреди надвор од работните и училишните обврски на максимум два часа дневно. Новата уредба стапува на сила од 1 октомври, но таа нема да носи казни и формални санкции, туку се претставува како советодавна насока за поздрав животен стил.
Пропишаните ограничувања произлегуваат од сè поголемата загриженост за штетите што може да ги предизвика прекумерната изложеност на екрани – пред сè лишување од сон, нарушување на семејната интеракција и ризик од зависност кај младите. Локалните власти предупредуваат дека иако смартфоните и таблетите се веќе неизбежен дел од секојдневието, навиката за продолжено користење може да го попречи здравиот раст на децата и да влијае врз домашната атмосфера. Затоа, уредбата дополнително ги повикува учениците од основно училиште да ги оставаат уредите по 21 часот, а средношколците и постарите да престанат со користење по 22 часот.
Иницијативата предизвика спротивставени мислења во самиот совет. Противниците тврдеа дека ваквите прашања треба да се решаваат во рамки на семејната дисциплина, а не преку административни акти, посочувајќи дека за дел од децата дигиталниот простор е важен бег од училишниот или семејниот притисок. Од другата страна, поддржувачите ја бранеа уредбата како „благ повик“ кон граѓаните да ги преиспитаат сопствените навики и начинот на воспитување на децата, нагласувајќи дека во суштина станува збор за официјален совет, а не за присила.
Градоначалникот Масафуми Коуки, зборувајќи по усвојувањето, објасни дека временските ограничувања се засновани врз упатствата на Министерството за здравство за здрав сон, според кои просечното безбедно користење на дигитални уреди треба да се движи околу два часа дневно во текот на работната недела. „Ова не е строга забрана, туку препорака за граѓаните да го проверат сопствениот начин на живот и да ги согледаат можните здравствени придобивки“, нагласи тој.
Иако формално ненаметлива, уредбата на Тојоаке веќе предизвика широка дискусија низ Јапонија. Дали ваквите локални чекори се навистина потребни или се премногу интервенционистички, останува прашање, но едно е сигурно: малото градче во Аичи го отвори патот за сериозен разговор за балансот меѓу технологијата и здравиот начин на живот.