Мексико се најде во вкрстениот оган на глобалната трговска битка, обидувајќи се да ја заштити својата индустрија и да одговори на притисоците од САД, додека истовремено се судира со амбициите на Кина. Владата предложи зголемување на царините за автомобили од азискиот гигант и други земји без трговски договори до рекордни 50 проценти – мерка што може да го преобликува автомобилскиот пазар во регионот.
Министерот за економија Марсело Ебрард изјави дека царините, кои во моментов изнесуваат 20 проценти, ќе бидат подигнати до „максимално дозволеното ниво“ со цел да се заштитат домашните производители и работните места. „Без одредено ниво на заштита, речиси не можете да се натпреварувате“, рече тој, додавајќи дека кинеските автомобили често се продаваат по „референтни цени“ кои го поткопуваат локалното производство.
Предлогот, кој треба да добие зелено светло од Конгресот каде владејачката партија има стабилно мнозинство, би се одразил на увоз вреден повеќе од 52 милијарди долари. Според Министерството за економија, тарифите ќе покријат околу 8,6 проценти од вкупниот увоз и ќе заштитат 325.000 индустриски и производствени работни места. Покрај автомобилите, дополнителни давачки се предвидуваат и за челик (35%), играчки, мотоцикли и текстил, со стапки што варираат меѓу 10 и 50 проценти.
Мерката директно ги таргетира земјите со кои Мексико нема трговски договори – пред сè Кина, но и Јужна Кореја, Индија, Индонезија, Русија, Тајланд и Турција. Со тоа Мексико испраќа порака дека нема да биде „задна врата“ преку која кинеските производители ќе го користат договорот за слободна трговија со САД и Канада за да пласираат стока на американскиот пазар без царини. „САД нема да и дозволат на Кина да го користи Мексико како задна врата“, изјави Маријана Камперо од програмата CSIS Americas.
Пекинг остро реагираше. Министерството за надворешни работи порача дека Кина „цврсто се спротивставува на каква било принуда“ и предупреди дека ќе ги заштити своите права и интереси. Портпаролот Лин Џиан нагласи дека земјата се надева Мексико да продолжи да соработува со Кина за глобално економско закрепнување и развој на трговијата.
Во позадина на овој судир стои силната зависност на Мексико од американскиот пазар – повеќе од 80 проценти од нејзиниот извоз оди северно од границата, вклучувајќи речиси три милиони автомобили годишно. Земјата во 2023 година ја замени Кина како најголем трговски партнер на САД, но во исто време го удвои својот трговски дефицит со Пекинг, кој достигна 120 милијарди долари минатата година.
Домашната автомобилска индустрија во Мексико е дом на фабрики на гиганти како „Џенерал моторс“, „Форд“, „Фолксваген“, „Нисан“, „Хонда“ и „Тојота“, но се соочува со растечка конкуренција: две од секои десет возила што се продаваат во земјата денес доаѓаат од Кина, чија продажба лани скокна за 10 проценти. Владата тврди дека новите мерки не само што ќе го стабилизираат пазарот, туку и ќе создадат нови работни места во стратешките индустрии.
Аналитичарите предупредуваат дека на краток рок тарифите би можеле да ја зголемат побарувачката за кинески возила поради очекуваниот раст на цените, но на подолг рок ќе ја поттикнат локалната индустрија. „Тарифите имаат две цели – повеќе приходи и политички сигнал кон Вашингтон“, оцени Габриела Силер од Banco BASE.
Соочено со геополитички притисоци и економски предизвици, Мексико се обидува да ја зацврсти својата индустриска основа и да ја одбрани својата позиција меѓу двата гиганти. Прашањето е дали зголемените царини ќе го остварат ветениот баланс или ќе отворат нови линии на судир во глобалната трговска шаховска табла.