ПОВЕЌЕ

    Десет милијарди евра на страна, 8,5 милијарди во долгови – Депозитите и кредитите со изедначени стапки на раст

    Време зa читање: 3 минути

    Парите доверени на чување и оплодување во банките го преминаа прагот од 10 милијарди евра. Под влијание, најмногу на штедачките навики, вкупните депозити достигнаа 618.596.000.000 денари. Паралелно со ова, се интензивира и потребата од кредитирање. Вкупната кредитна поддршка дадена од домашниот банкарски сектор, во јули изнесува 525.622.000.000 денари или 8,54 милијарди евра.

    Стапките со кои се зголемуваат кредити и депозити, се изедначија во јули. Нагорните движења и во двата сегменти се – месечните за 0,6 насто, а годишните за 13 насто. Притоа, за растот на кредитите е заслужно зголеменото интересирање и од домаќинствата и од корпоративниот сектор. Со таа разлика што на месечна основа повеќе се истакнало населението, а на годишна бизнисот, посочено е во соопштението од Народна банка за јулските монетарни движења.

    Делот на граѓаните во вкупните депозити е 416.108.000.000 денари, односно 6,76 милијарди евра. Во споредба со јуни повисоки се за 1,1 насто. Таа промена „во поголем дел се должи на растот на депозитните пари, долгорочните депозити во денари и краткорочните депозити во странска валута, при помал раст и на останатите компоненти“, посочуваат од НБРСМ. Годишната стапка на раст, пак, е 13,3 насто и произлегува од зголемените депозитни пари, од долгорочните депозити во денари и во странска валута, а во помала мера и од краткорочните депозити.

    Потребата на домаќинствата од дополнителни средства, стимулативно влијаеле врз кредитирањето со месечни плус 0,8 и годишни плус 10,4 проценти. Оттаму, во јули се доаѓа до вкупната сума од 264.798.000.000 денари (4,3 милијарди евра). Зголемено е кредитирање и во денари и во девизи, но поголем е придонес на побараните и исплатени кредити изразени во домашната валута.

    И натаму најбарани се потрошувачките кредити. Минатиот месец, по еднопроцентното придвижување, износот е 136.210.000.000 денари (2,21 милијарда евра). На годишна основа се зголемени за 9,8 насто. Следуваат станбените кредити, чиј јулски износ од 102.122.000.000 денари (1,66 милијарди евра) ги вклучува месечниот раст од еден и годишниот од 15,3 проценти, соодветно.

    Повисоки за 1,8 насто на месечна основа, а пониски за еден отсто на годишна се автомобилските кредити. Во оваа категорија сумата е 414.000.000 денари (6,73 милиони евра). Со посредство на кредитните картички, пак, граѓаните се задолжени со 8.623.000.000 денари (140,2 милиони евра). Споредено со претходниот месец речиси и да нема разлика, но на годишно ниво е забележан пад од 7,4 отсто. Минусите на тековните сметки во јули се 6.445.000.000 денари (104,8 милиони евра), при што месечно се пониски за 1,8, а годишно за 4,9 отсто. Намалување има и кај кредитите одобрени врз други основи – за месечни 0,7 и за годишни 9,2 отсто, јулскиот износ е 1.434.000.000 денари (23,3 милиони евра).

    Состојбата кај корпоративниот сектор, во делот на депозитите е 176.541.000.000 денари или 2,87 милијарди евра. Забележан е месечен раст од 0,1 насто и годишен од 14,5 насто.

    Кредитите на компаниите достигнуваат 258.361.000.000 денари, односно 4,2 милијарди евра. Промената е за месечни 0,4 проценти, како и за 15,9 проценти на годишна основа. Како што посочуваат од Народната банка, „и месечниот и годишниот раст во целост произлегуваат од зголемените кредити во денари, а кредитите во странска валута се намалени“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично