ПОВЕЌЕ

    КАКО РАБОТЕА ЛАНИ НЕПТУН, СЕТЕК, АНХОЧ И ТЕХНОМАРКЕТ – вкупни приходи од 197,8 милиони евра

    Време зa читање: 6 минути

    Шпорети, фрижидери, телевизори… Кога ќе се расипат предизвикуваат главоболка, но и да работат, одвреме-навреме треба да се сменат. Новите технологии ги привлекуваат купувачите, а кај нас салони за бела техника има насекаде. Покрај со излозите, тие ги привлекуваат купувачите со бројни реклами и попусти што често ги практикуваат.

    Порталот Пари ги анализира податоците од БизнисМрежа на најголемите четири компании за апарати за домаќинство и техника: Нептун, Сетек, Техномаркет и Анхоч. Заедно, тие остварија вкупни приходи од 197,8 милиони евра, со вкупна добивка од 5,39 милиони евра. Според овие податоци, заедничката профитна маржа (уделот на нето-добивката во вкупните приходи) кај овие 4 најпознати синџири за ваков вид производи, е 2,7 насто.

    Четирите компании во овој бизнис минатата година имале 1.251 вработен, а месечните просечни нето-плати се движеле од 31.149 денари во Техномаркет до 44.924 денари во Нептун.

    Бројките откриваат и дека Нептун и Сетек го задржуваат водството, Анхоч е плус во приход, но голем минус во добивка, додека Техномаркет има значаен пад и на приходот и на добивката.

    ПРИХОДИ ОД 17 МИЛИОНИ ДО 90 МИЛИОНИ ЕВРА

    Нептун, компанија која во Македонија е присутна повеќе од 25 години и е препознатлива по агресивниот маркетинг и модерните продажни салони, го зацврсти лидерското место. Со приход од 90 милиони евра во 2024 година, наспроти 73,4 милиони евра годината пред тоа, Нептун постигна раст од 22,68 насто. Причината не е само во зголемениот асортиман, туку и во паметната дигитална стратегија, со фокус на онлајн продажбата.

    Веднаш зад него е Сетек, долгогодишен конкурент којшто важи за еден од најагилните трговци со техника. Со 72,2 милиони евра во 2024 година, наспроти 61,3 милиони во 2023 година, растот од 17,77 насто потврдува дека нивната комбинација од попусти и широка дистрибутивна мрежа дава резултати.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Анхоч, кој од почетоците во 90-тите е симбол за информатичка и компјутерска опрема, постепено го зајакнува присуството и во белата техника. Во Анхоч, граѓаните оставиле 17,7 милиони евра лани (од 16,5 милиони во 2023 година), значи раст од 7,30 насто – стабилен, но далеку од амбициите на лидерите, и се наоѓа на четвртото место.

    Брендот со регионално име, кој во Македонија некогаш имаше значително поголем удел – Техномаркет, претрпел удар. Приходот паднал од 20,8 милиони евра во 2023 година на 17,9 милиони во 2024 година, што е пад од 14,05 насто.

    ДОБИВКИТЕ – РАЗЛИЧНА ПРИКАЗНА ОД ПРИХОДИТЕ

    Кога ќе се погледнат добивките, сликата станува поразлична. Дел од компаниите успеаја растот на продажбата да го претворат во повисок профит, додека кај други, и покрај зголемените приходи, заработката значително се стопи.

    Сетек тука излезе како апсолутен победник, со 3 милиони евра профит во 2024 година, наспроти 2,3 милиони преклани ‒ раст од 31,78 насто.

    Нептун оствари уште поголем процентуален скок ‒ од 1,2 милиони евра на 2,2 милиони ланската година, што е раст од 77,17 насто, но и покрај тоа оваа компанија е зад Сетек, односно на втора позиција.

    Извор:Бизнис Мрежа

    Сосем спротивна е ситуацијата кај Анхоч. Иако приходот порасна, добивката падна драстично – од 526,9 илјади евра преклани на само 136,8 илјади лани, пад од 74,04 насто.

    Техномаркет е во најтешка состојба, заработката за 2023 година изнесувала 1,6 милиони евра, додека минатата година има пад од 96,69 насто и добивката изнесува само 53,5 илјади евра. Ова укажува на сериозни предизвици со кои се соочува компанијата.

    ВРАБОТЕНИТЕ СТОЈАТ ЗАД БРОЈКИТЕ

    Зад бројките за продажба и добивка стојат луѓето што го движат бизнисот. Промените во бројот на вработени откриваат различни стратегии ‒ од проширување на тимовите за поголем пазарен притисок, до оптимизација и намалување на кадарот, најверојатно за намалување на трошоците.

    Сетек е работодавач со најмногу вработени, распоредени во 34 продажни салони низ Македонија – и брои 484 лица, но во однос на лани намален е бројот на вработени за 5,10 насто.

    Малопродажната мрежа на Нептун во моментов е застапена со 30 продажни места во 21 град во Македонија, а вкупниот број на вработени брои 410, што е зголемување од 7,89 насто во однос на 2023 година и е веднаш зад Сетек.

    Извор:Бизнис Мрежа

    Техномаркет, иако со помала мрежа од конкурентите, задржува 208 вработени, но трендот е надолу – бројот на кадри е намален во споредба со лани за 6,73 насто.

    Анхоч се наоѓа на последната позиција во однос на вработени, но сепак ја зголеми работната сила од 138 на 149 вработени во 2024 година, што претставува раст од 7,97 насто.

    СИТЕ ЧЕТИРИ КОМПАНИИ СЕ СО ЗГОЛЕМЕНИ ПЛАТИ

    Сите четири компании во 2024 година исплаќаат повисоки плати, иако со различен интензитет. Сетек е предводникот со раст од 26,67 насто, односно од 400 евра во 2023 година на 507 евра во 2024 година.

    Нептун ја зголеми просечната плата од 613 на 730 евра (19,11 насто), со што дополнително ја нагласува ориентацијата кон мотивирање на вработените.

    Техномаркет ја зголеми просечната плата од 439 на 506 евра, што претставува раст од 15,26 насто. Анхоч, пак, бележи зголемување од 540 на 616 евра, односно раст од 14,04 насто.

    Овие податоци укажуваат дека пазарот на труд е тесен и дека задржувањето на кадарот останува приоритет, особено во продажбата и техничката поддршка.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Продавниците за домаќинство и техника во Македонија одамна не се само места за купување апарати – тие се дел од секојдневието на граѓаните и огледало на потрошувачките навики. Од големите синџири со модерни салони и онлајн продажба, до специјализираните продавници со индивидуален пристап, пазарот се прилагодува на динамиката на домашниот буџет и технолошките трендови. За македонските потрошувачи, белата техника не е само потреба, туку и инвестиција во квалитетот на живеењето, а за трговците – постојана битка за довербата и вниманието на купувачот.

    Катерина Михајлова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично