ПОВЕЌЕ

    ШТО ПОТОПЛО, ТОА ПОДОБРО: Високи профити од вода, сок и пиво

    Време зa читање: 4 минути

    Читајте квалитетна содржина на порталот ПАРИ – таму каде што информацијата вреди

    Деновиве кога живата во топломерите се движи околу 40-тиот Целзиусов степен најчестатата реченица е „Дај нешто студено за пиење“. Производителите и трговците задоволно тријат раце. Барем некому му е добар сојузник жешкото сонце.

    Минатата година, како и ова лето, имаше многу високи температури. Коинциденција или не – но и приходите и добивките на компаниите што произведуваат пиво, вода и сокови значајно се зголемиле, покажува анализата на Пари во соработка со Бизнис мрежа. Добивката на Пелистерка се зголемила за 300 насто, на Пивара за над 35 насто, на Кожувчанка за 46,7 насто….

    СКОПСКАТА И ПРИЛЕПСКАТА ПИВАРА НАПРАВИЛЕ ПРОМЕТ ОД 177,9 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ЕДНА ГОДИНА

    Македонија има долга традиција на производство на пиво и газирани пијалаци. Првата пиварница во Скопје била формирана на 2 септември 1922 година и се нарекувала „Парна пивара“. Основачи биле двајца Чеси, инженерот Виктор Цајс и банкарот Карел Хусник. Пиварницата била пуштена во употреба во 1924 година, кога се наполнила првата чаша пиво по стар чешки рецепт, со посебен вкус добиен од локалната бунарска вода на Скопје. Пиво, кое подоцна генерација по генерација ќе го препознава едноставно како – СКОПСКО.

    Пивара Скопје е заедничко вложување на Coca-Cola HBC и HEINEKEN N.V. Денешната Пивара „Скопје“ покрај Скопско ги произведува и Смути, Радлер, а преку неа пазарот се снабдува со Кока кола, Фанта, Спрајт, Швепс, со водата Роса, пивата Хајнекен, Амстел, Горско, Лашко, како и повеќе видови на алкохолни пијалаци. Минатата година пивара Скопје направила приход од 138,4 милиони евра, а добивката ѝ изнесувала 23,75 милиони евра.

    И Прилепска пиварница е од минатиот век, речиси од истиот период кога и скопската. Основана е уште од далечната 1924 година. Она што претставува заштитен знак на Прилепска пиварница е Златен Даб и Крали Марко, но тие се и овластени дистрибутери на Tuborg и Carlsberg. Од погоните на Прилепска, излегува и безалкохолниот пијалак Газоза. Како овластен полнител на безалкохолни пијалaци, Прилепска пиварница ги полни пијалаците на Pepsi Cola International: Pepsi, Pepsi Lime, Pepsi Max, 7UP, Mirinda Lemon и Mirinda Orange. Прилепска пиварница е увозник на Lipton Ice Tea, како и овластен увозник за производите од познатиот бренд „Књаз Милош“ од Србија, меѓу кои: газираната вода Књаз Милош, негазираната вода Aqua Viva, енергетскиот пијалак Guarana и негазираните овошни сокови Tube. Компанијата минатата година успеала да направи промет од 39,5 милиони евра, со што создала профит од 2,25 милиони евра.

    Извор: Бизнис мрежа

    ШАМПИОНИ ВО ПРОДАЖБА НА ВОДА

    Македонија има среќа и има квалитетни извори за вода за пиење. Скопската вода се смета за високо квалитена. Мода или потреба, но сѐ повеќе се употребува и „купечката“ негазирана минерална вода. Секако, тука е и газираната вода, незаменлив додаток на летниот „шприцер“, или во самостојна верзија.  Производителите се закитуваат со солидни заработки, а најдобра и по приход и по добивка е Кожувчанка. Направи промет од 17,9 милиони евра во 2024 година и тоа ѝ донесе чиста заработка од 716.000 евра, која е дури 46,7 проценти поголема отколку заработеното во 2023 година.

    Извор: Бизнис мрежа

    „ВИВАКС“ ЛАНИ НАПРАВИЛ ПРОФИТ ОД 1,7  МИЛИОНИ ЕВРА

    Синоним за овошните сокови е „Вивакс“. На компанијата лани ѝ одело подобро отколку во 2023 година. Направила приход од 13,3 милиони евра, а добивката била над 1,7 милиони евра!

    Со природни сокови под брендот „Мами“ и „Спектар“, како и со овошни сирупи добро му одело и на „Иноспектар“ со адреса во село Велмеј, Дебарца. Приходите што ги направил „Иноспектар“ изнесуваат 3,8 милиони евра, а добивката 230.000 евра.

    Извор: Бизнис мрежа

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично