Црна Гора се соочува со сериозна елементарна непогода – големи шумски пожари беснеат низ повеќе општини, загрозувајќи населени места, туристички комплекси и природни подрачја. Најдраматично било на црногорското приморје, во близина на Чањ, каде што густиот чад од пожарите стигна и до плажите, создавајќи вознемирувачки сцени среде туристичката сезона.
Во Чањ, пожарот што избувна ноќта, зафатил рид над Краличината плажа, на просторот Дубовица со густа вегетација. Од другата страна, кај каменоломот, пламенот се спуштил кон куќите и е на околу 100 метри од првите домови. Силен северен ветер го отежнувало гаснењето и ја разгорувало огнената линија. Според сомневања, огнот се проширил од запален автомобил на магистралата.
Пожари има на повеќе локации во Подгорица, меѓу кои и во Горња Горица, поради што беше затворен главниот пат кон Никшиќ, како и во Кокоти, Смоковац, Кучи, Зета, Дахна и Пипери. Пожарникарите вложуваат големи напори за нивно гаснење, а најголем проблем претставува силниот ветер.
Состојбата на некои жаришта е стабилизирана – пожарот во Чањ е под контрола, ситуацијата во Буљарица е мирна, а во Бијело Поље пожарот во Биоковац – Граб е локализиран, при што дел од екипите се пренасочени во Подгорица за помош. Властите остануваат на критичните точки поради можност од повторно појавување на пожарите.
Сателитски податоци покажуваат дека досега се изгорени околу пет квадратни километри. Високите температури и ветровите го поттикнуваат дополнителното ширење. Мештаните се особено загрижени поради близината на складиштето на фабриката „Техногас“ – стравуваат дека промена на насоката на ветерот би можела да предизвика катастрофална експлозија доколку пламенот стигне до магацинот.
Командантот на Противпожарната и спасувачка единица, Славко Тадиќ, истакна дека теренот е исклучително непристапен, а силните ветрови го отежнуваат гаснењето.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Миодраг Бешовиќ, информира дека најтешка е состојбата кај местото Пипери, каде се евакуирани неколку домаќинства, а еден пожарникар е повреден.
Воздушните капацитети – авиони и хеликоптери – работат со полн капацитет, но поради обемот на пожарите и ограничените технички можности, не можат да одговорат на сите потреби. Прогнозите укажуваат на продолжување на неповолните временски услови и во наредните денови.
Поради обемот на катастрофата, Владата на Црна Гора побара помош од Европската Унија и НАТО, а помош најавија Србија и Хрватска. Воздушни средства за гаснење работат со полн капацитет, но надлежните предупредуваат дека ресурсите не се доволни и дека временските услови ќе останат неповолни и во наредните денови.
Премиерот Милојко Спајиќ изрази благодарност до пожарникарите и најави помош за сите граѓани кои претрпеле материјална штета. Тој се заблагодари и на Хрватска, Србија, Словенија, Европската Унија и НАТО за поддршката. „Овие предизвици се тешки, но ќе ги надминеме заедно, со верба во силата и единството на нашата заедница“, порача премиерот.
ДВЕ ТРЕТИНИ ОД КОМПАНИИТЕ ШТО КОТИРААТ НА БЕРЗА СЕ СО ПОМАЛА ДОБИВКА ОД ЛАНИ или се во загуба!?