Во пресрет на новата учебна година, Владата најавува силна офанзива против растечките цени на основните производи, со посебен фокус на училишниот прибор. Премиерот Христијан Мицкоски денеска откри дека во наредниот период ќе бидат преземени повеќе мерки со цел стабилизирање на пазарот и заштита на стандардот на граѓаните. Тој најави воведување на таканаречената „Училишна кошница“, која ќе опфати производи потребни за учениците, како и серија дополнителни мерки насочени кон ограничување на ценовните скокови во маркетите.
Мицкоски потенцираше дека институциите веќе ги следат цените на училишниот прибор и ако се забележи драстично и нагло поскапување во овој период, Владата ќе реагира жестоко. Тој порача дека се разгледуваат и законските можности за санкционирање на субјектите кои ќе се одлучат на, како што рече, шпекулативно однесување. Премиерот истакна дека таквото однесување нема да биде толерирано, туку напротив – против компаниите што ќе покажат некоректност ќе бидат искористени сите законски механизми.
Според него, Владата во последниве два месеца детално ги следи движењата на цените, откако завршија мерките за замрзнување на трговските маржи, и прави анализа за тоа кои производи и од кои правни субјекти нагло поскапеле. Тој најави дека резултатите од оваа анализа ќе бидат јавно објавени и директно презентирани на засегнатите трговци, со јасна порака дека таквото однесување ќе биде санкционирано.
Дополнително, Мицкоски откри дека Владата, во соработка со академската заедница и универзитетски професори, подготвува комплетен пакет мерки насочени кон справување со високите цени на производите во маркетите. За разлика од претходните интервенции, новите мерки нема да бидат унифицирани, туку ќе вклучуваат повеќе модели со кои ќе се дејствува врз различни фактори што придонесуваат кон инфлацијата. Тој најави дека многу скоро ќе биде претставено целосно сценарио за стабилизирање на пазарот, базирано на успешни примери од други земји, со цел да се спречи понатамошен раст на цените.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во јуни цените на мало бележат годишно зголемување од 3,7 проценти, додека инфлацијата е зголемена за 4,5 проценти. Овие бројки дополнително го засилуваат притисокот врз Владата да преземе координирани чекори преку монетарната и фискалната политика, не само за справување со надворешните шокови туку и за справување со долгорочната базична инфлација.