Во насока на подобрување на животниот стандард на најчувствителните категории граѓани, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини донесе нови решенија за директна финансиска помош. Преку оваа мерка, ќе се покрива дел од трошоците за потрошена електрична енергија за домаќинства со деца со попреченост, како и за семејствата кои згрижуваат лица во својот дом. Овие решенија се однесуваат на домаќинства со едно или повеќе деца со попреченост, корисници на посебен додаток и згрижувачки семејства кои се грижат за од едно до пет лица.
Според воспоставената соработка со ЕВН Хоме, Министерството секој месец, најдоцна до 5-ти, доставува електронска листа до компанијата со информации за корисниците кои треба да добијат финансиска поддршка. Овие листи се испраќаат на e-mail адресата: [email protected], и треба да содржат: Број на решението, број на корисник од базата на ЕВН Хоме, број на местото на потрошувачка и износот на финансиска поддршка.
По приемот на листите, Министерството има обврска во рок од три работни дена да изврши уплата на вкупниот износ за месецот на сметката на ЕВН Хоме. Информацијата за налогот се испраќа на истата електронска адреса.
Од своја страна, ЕВН Хоме, во рок од три дена по добивањето на средствата, извршува евидентирање на доделената финансиска поддршка на соодветните броеви на корисници. Овој износ се прикажува како претплата на корисничкиот профил и се користи за намалување на износот за плаќање на следната фактура за електрична енергија. На самата фактура, поддршката ќе биде прикажана под ставката „Износ во претплата“.
Во случаите кога доделениот износ е повисок од фактурата, преостанатата сума останува како претплата за следните месечни фактури, сè додека целосно не се искористи.
По евидентирањето на претплатите, ЕВН Хоме составува извештај за сите трансакции и го доставува до Министерството, за сите категории на корисници опфатени со оваа програма.
Министерството најавува дека и во иднина ќе продолжи со спроведување на програми кои го олеснуваат пристапот до енергија за најранливите, во партнерство со релевантните институции и компании.