Започна со изградба новиот производствен погон на „Чагатај Кабло“ во ТИРЗ Скопје 1. Инвестицијата од шест милиони евра ќе обезбеди нови 200 работни места. Денес го одбележуваме почетокот на нова инвестиција. Но повеќе од тоа, денес вградуваме уште еден темел на економска доверба. Јасен сигнал дека кога институциите се посветени, успехот неминовно доаѓа, нагласи премиерот Христијан Мицкоски, на свеченоста со која беше проследено удирањето на камен темелникот, на втората фабрика на турската компанија.
„Ќе се изгради објект со површина од 10.000 квадратни метри и ќе се отворат нови до 200 работни места или вкупно како што кажа и претседателот на Управниот одбор, ќе дојдеме до бројка од 500 работни места кои што ќе произведуваат овде во производните капацитети на компанијата ‘Чагатај Кабло’. Ќе се воведат нови технологии, ќе се прошири капацитетот и ќе се создаде идна вредност што ќе остане овде, во нашата Tатковина“, посочи Мицкоски.
Според него, секој ваков почеток не е добар само за компанијата:
„Добар е за локалната заедница, добар за националната економија и добар за иднината на секој млад човек што сака да остане овде. Нашата цел е да ја направиме Македонија земја на можности. Земја во која трудот се исплатува. Земја во која инвестицијата има смисла. Земја во која институциите се партнери на бизнисот – не пречка, туку поддршка“.
„Џагатај Кабло“ произведува жици и кабли за автомобилската индустрија. Тие ги снабдуваат водечките производители на автобуси, трактори, градежни машини, камиони, комерцијални возила, климатизери, машини за чистење и специјални аеродромски возила.
Турската компанија, основана во 1998 година, во Македонија е присутна од повеќе од седум години. Првата инвестиција во Бунарџик беше четири милиони евра во првата фабрика која зафаќа површина од седум илјади квадрати. Оттогаш тука се произведуваат кабли и жици за автомобилски и електронски системи, кои се извезуваат во странство. Новата фабрика двојно ќе ја мултиплицира производствената моќност, што значи поддршка за локалните добавувачи и за економијата. Со тоа „Чагатај Кабло“ претставува пример за успешна странска инвестиција во Македонија.
Податоците покажуваат дека во 2023/24 година, „Џагатај Кабло“ реализирал околу 1.062 извозни испораки со вкупна вредност 12,59 милиони долари, главно за Холандија, Германија и Белгија.