Во Народната банка се одржа 54. сесија на Клубот на истражувачите на која беше претставен научниот труд „Макроекономски, институционални и финансиски детерминанти на дефицитот на тековната сметка во Северна Македонија: Согледувања преку временски серии” од авторот Бардул Даути.
Сесијата ја отвори директорката на Секторот за монетарна политика, истражување и статистика, Султанија Бојчева-Терзијан, која посочи дека презентираниот труд нуди значајни сознанија за макроекономските и институционалните фактори коишто влијаат на дефицитот на тековната сметка во Република Северна Македонија. Таа нагласи дека надворешната позиција на македонската економија има особено значење, имајќи ја предвид стратегија на фиксен девизен курс, што ја спроведуваме. Во таа насока, одржливата тековна сметка претставува клучен елемент за зачувување на севкупната макроекономска стабилност.
Главниот заклучок на емпириската анализа е дека дефицитот на тековната сметка е резултат на макроекономски фактори – производниот јаз, како индикатор на домашната побарувачка, трговската отвореност и реалниот девизен курс. Дополнително, влијание имаат и фискални и финансиски фактори, како што се јавниот долг и паричната маса (М2), соодветно. Сепак, клучниот придонес на овој труд е вклучувањето на т.н. институционални фактори и оцената на нивното влијание врз билансот на тековната сметка. Студијата покажува дека силните институции – особено поефикасното управување, зголемениот квалитет на јавните услуги и заштитата на економските права, како што е правото на сопственост – можат значително да придонесат за подобрување на тековната сметка на платниот биланс. Овие заклучоци упатуваат дека, институционалните реформи се исто така важен сегмент за зајакнување на надворешната стабилност на економијата.
По презентацијата, следеше дискусија меѓу учесниците и презентерите, поттикната од презентацијата на трудот и од изнесените заклучоци. Следната сесија е планирана за септември годинава.