ПОВЕЌЕ

    „Закон за енергетика – изгласан во Собрание! Македонија добива европски закон за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина“

    Време зa читање: 2 минути

    Денес, во Собранието беше изгласан новиот Закон за енергетика – системски, сеопфатен и реформски закон кој ги поставува темелите на новата енергетска политика на земјата. Со ова, Македонија конечно добива јасна, модерна и европски усогласена законска рамка за развој на енергетиката.

    Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на завршното обраќање пред пратениците нагласи:

    „Законот што денес го донесовме претставува визија за иднината и темел на нашата национална трансформација кон чиста, одржлива и праведна енергетска иднина. Ова е закон што создава можности, но и бара одговорност.“

    Законот е подготвуван во широк, инклузивен процес кој опфати институции, експерти, бизнис сектор, оператори, регулаторот и други заинтересирани страни. Преку 61 амандман во редовна законодавна постапка, се доби решение кое го унапредува квалитетот, прецизноста и применливоста на законот.

    Новиот Закон за енергетика е компатибилен со Реформската агенда за Западен Балкан и европските директиви, а содржи неколку клучни столбови:

    • значајно зголемување на уделот на обновливи извори во финалната потрошувачка;
    • поголема енергетска ефикасност и намалување на загубите;
    • отворен енергетски пазар во кој граѓаните стануваат активни чинители – производители, продавачи, членови на енергетски заедници.

    Особено внимание е посветено на социјалната правда – законските решенија вклучуваат заштита на ранливите категории, поддршка за енергетска сиромаштија и фер пристап до енергија за сите.

    Законот нуди стабилна, транспарентна и предвидлива рамка за домашни и странски инвеститори. Ги јакне капацитетите на регулаторот и операторите, создава услови за поголема интеграција со регионалните и европските енергетски мрежи, и овозможува нови инвестиции во соларни, ветерни и други обновливи извори, топлификација, гасификација, складишта и дигитализирана мрежна инфраструктура.

    „Енергијата не е само моторот на економијата, таа е основа за квалитетен живот. Со овој закон ја отвораме вратата за една енергетски суверена, зелена и европска Македонија.“ истакна министерката Божиновска.

    Овој закон е повеќе од нормативен акт – тоа е патоказ за иднината. Шанса што, како што рече министерката, не смееме да ја пропуштиме.

    Министерството ќе продолжи активно и одговорно со имплементацијата на законот, со силен фокус на резултати што директно ќе се почувствуваат од страна на  граѓаните и стопанството. Законот е усвоен – следува спроведување.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично