Во 2024 година, граѓаните на Македонија најмногу страдале од болести на срцето, дијабетес и анксиозност. Тоа го покажуваат податоците од Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), според кои се потрошени 53,2 милиони евра за лекови на лекарски рецепт – за 9,7 проценти повеќе отколку во 2023 година. Речиси третина од таа сума, односно 14 милиони евра, завршиле за лекови наменети за кардиоваскуларни заболувања. Најчесто пропишувани лекови биле „метформин“, „еналаприл“ и „диазепам“.
Во текот на 2024 година се реализирани вкупно 26.150.147 рецепти во аптеките, што е за 3,2 насто повеќе според бројот, и за речиси 10 проценти повеќе според вредноста, во однос на претходната година. Просечно, секој осигуреник подигнал 14,2 рецепти, што е зголемување од четири проценти.
Најмногу лекови биле препорачани за срцевите заболувања – 10,49 милиони рецепти, вредни 857 милиони денари (14 милиони евра). Оваа група лекови бележи раст и по бројот на рецепти (+2,65%) и по вредноста (+13,58%).
Следат лековите за дигестивниот тракт и метаболизмот, со 4,7 милиони рецепти, како и лековите за респираторен систем, кои водат според вредноста на исплатените суми (8,5 милиони евра). Лековите за нервниот систем се трети според бројот на рецепти. Антиинфективните лекови – антибиотици, антивирусни и антимикотични препарати – бележат благ пад од 1,9 проценти, иако и понатаму се меѓу најкористените.
За најупотребуваниот лек „метформин“ се реализирани 1,96 милиони рецепти. Или 7,5 отсто од сите лекови. За „еналаприл“ во аптеките завршиле над 1,5 милиони, а за „диазепам“ над 1,3 милиони рецепти.
Најскап лек е „росувастатин“ – користен за намалување на мастите во крвта – за кој се потрошени 241,3 милиони денари (околу 4 милиони евра). Тоа е 7,4 отсто од вкупниот трошок. Првите 10 најкористени лекови опфаќаат 46 проценти од сите рецепти и 40 проценти од потрошените средства.
Лекарствата се издавале преку 946 аптеки во државата – три повеќе од претходната 2023 година. Најмногу аптеки има во Скопскиот регион (270), а најмалку во Североисточниот (67). На секои 10 илјади осигуреници има просечно 5,36 аптеки, со најголема покриеност во Југоисточниот регион (6,10), а најмала во Скопскиот (4,32).
Во 2024 година вкупно се исплатени 3,4 милијарди денари (55,3 милиони евра) за лекови, додека вкупниот број на осигурени лица изнесува 1.839.537. За 17 илјади помалку од 2023 година. Од нив, 47 отсто се вработени, 29 отсто се пензионери, а 22 отсто се невработени и осигурени преку државата. Тоа значи дека на секои две вработени лица доаѓа по едно пензионирано и едно невработено лице.