Европскиот парламент вчера го одобри барањето на Белгија за поддршка од Европскиот фонд за прилагодување кон глобализацијата за раселени работници (EGF) со која работниците погодени од банкротот на белгиската автомобилска компанија Ван Хол ќе добијат пакет помош во вредност од 8 милиони евра. Мерката доаѓа една година откако некогашниот белгиски гигант, кој западна во финансиски потешкотии, беше продаден на холандскиот конгломерат VDL.
Пратениците во ЕП се сложија дека „европската автомобилска и добавувачка индустрија се соочува со невиден притисок од надворешни и внатрешни предизвици, како што се нарушување на конкуренцијата и високи трошоци за енергија“.
Белгиската компанија Ван Хол беше светски позната по своето производство на автобуси, тролејбуси и приколки. Компанијата прогласи банкрот во април 2024 година откако не успеа да застане на нозе по остриот пад на продажбата предизвикан од пандемијата Ковид 19, а состојбите беа дополнително влошени од руско-украинската војна, зголемената инфлација и прекините во синџирот на снабдување. Како резултат на тоа, 2.400 работници беа отпуштени, од кои една третина на возраст од 50 години или повеќе, а 80% со застарени вештини.
ВДЛ лани ја презеде сопственоста и на фабриката на Ван Хол во Северна Македонија. Беше најавено дека околу 1.350 вработени ќе продолжат во фабриката во Северна Македонија. VDL, исто така, ќе ја купи сета интелектуална сопственост, права на дизајн, софтвер, имиња на производи, опрема и машини од Van Hool.
Пакетот за поддршка финансира советување, стручна ориентација, помош при барање работа и обука за нови професионални и дигитални вештини. Вкупно вреди 9,4 милиони евра – при што EGF обезбедува 8 милиони евра, а белгиската Фламанска служба за вработување и стручно образование (VDAB) финансира 1,4 милиони евра.
EGF фондот на ЕУ ги поддржува отпуштените работници и самовработените лица кои ги изгубиле своите работни места. Поддршката од EGF е достапна за оние погодени од сите видови неочекувани големи настани за реструктуирање, вклучувајќи ги економските ефекти од пандемијата Ковид-19 и руската инвазија на Украина, како и пошироките трендови, како што се декарбонизацијата и автоматизацијата. Земјите-членки на ЕУ можат да аплицираат за финансирање од ЕУ кога најмалку 200 работници ќе ги изгубат своите работни места во одреден референтен период.
Откако земјата-членка ќе поднесе барање во кое се наведени отпуштањата и планираните мерки за поддршка, Комисијата го оценува. Доколку барањето ги исполнува критериумите на EGF, Комисијата дава предлог за мобилизирање средства што мора да бидат одобрени од Парламентот и Советот. Од 2007 година, EGF интервенираше во 182 случаи, издвојувајќи 700 милиони евра за помош на повеќе од 170.000 луѓе во 20 земји-членки.
Во својот финансиски извештај за 2024, компанијата која го купи Ван Хол, холандски VDL истакна дека, и покрај големите трошоци, со оваа тие ја зајакнале својата позиција на пазарот како производители на автобуси, „со пристап до северноамериканскиот пазар, комплетирање на портфолиото на производи и модерна фабрика за автобуси во Македонија“. Од холандската компанија нагласуваат дека започнувањето на испораките во банкротирана компанија од оваа големина и интегрирањето на компанијата во организацијата на VDL не бил лесен потфат.