Швајцарскиот „Дуферко“ во континуитет ја зголемува сопственоста во „Макстил“. Со последно купените 1.500 акции, во моментов поседува 83,65 отсто.
„Макстил АД Скопје ја известува јавноста дека на 28.04.2025 година е настаната промена во сопственоста на акциите со право на глас. Имено, Duferco Skop SA, како мнозински акционер ја зголеми сопственоста и на наведениот датум се стекна со 1.500 акции, со што во моментов поседува вкупно 83,65% од главнината на акции со право на глас на Макстил АД Скопје“, се наведува во информацијата споделена преку Македонска берза.
Според берзанските податоци, последното тргување со овие акции е на 25 април, кога имало една транскација во која биле купени 1.500 акции по цена од 134 денари. За нив се платени 201.000 денари, односно речиси 3.300 евра.
Од почетокот на месецов ова е четвртата објава на „Макстил“ со слична содржина. Во текот на април „Дуферко“ се стекнал со дополнителни 10.306 акции. Најголемата купопродажба од 7.000 акции е забележана на 15 април. Најмалку акции – 306 биле купени на 9, а на 14 април бројката е исто како и последната, 1.500 акции.
Всушност, „Дуферко“ сега купува „на ситно“. Од издадените 14.622.943 акции на „Макстил“, засега во сопственост на компанијата од Лугано се 12.234.738 акции. Нивната вредност во моментот (сметано по просечната од 134 денари) е околу 1,64 милијарди денари или 26,65 милиони евра.
Швајцарците се присутни во компанијата што произлезе од некогашната скопска Железарница, од 1997 година.
И покрај проблемите во глобални рамки, „Макстил“ добро работи. Минатата година ја зголеми извозната активност, во најголем дел насочена кон земјите од Европската унија.