Електронското и мобилното банкарство значат бесплатни или поевтини и дефинитивно побрзи платежни трансакции, но тоа не е доволно добра причина за граѓаните во земјава да ги користат. Македонските граѓани сѐ уште сакаат да одат по шалтерите во банките наместо да префрлаат пари и да плаќаат сметки онлајн. Не ги нервира чекањето на шалтер, ниту губењето време додека да стигнат во банка.
Оваа навика на граѓаните веројатно ги нервира банкарите затоа што тие постојано го модернизираат и промовираат дигиталното банкарство, со надеж дека ќе ги растоварат шалтерите од редиците клиенти. А, со тоа и да си обезбедат позадоволни и посреќни клиенти. Но, не им оди многу лесно, ниту брзо во таа мисија.
Според податоците на Народната банка на Македонија, што ги анализира Пари, во 2024 година само 24 отсто од платежните сметки на граѓаните биле регистрирани за вршење платежни трансакции преку интернет или мобилно банкарство, а одвај 9 отсто од вкупниот број сметки биле активно користени за вршење онлајн трансакции. Ова се поразителни бројки за дигиталниот напредок на нашето општество. За четири години бројот на корисници на дигиталното банкарство пораснал одвај за 9 процентни поени, а на активни корисници за само 4 процентни поени.
Дури ни можноста да имаат 24/7 увид врз состојбата и случувањата на нивните сметки не се доволно силна причина за граѓаните да активираат интернет или мобилно банкарство. Помалку од една половина од сопствениците на платежни сметки ја активирале услугата увид на сметка, но активно ја користат само 25 отсто.
Како што покажува графиконот погоре, дигитално банкарство најмногу користат граѓаните на возраст од 35 до 44 години. Вкупно 195.937 платежни сметки на граѓани на оваа возраст ја имаат активирано оваа опција. За четири години бројот на сметки што имаат пристап за вршење дигитални платежни трансакции кај овие граѓани е зголемен за околу 66.000. Потоа следуваат сметките на граѓаните на возраст од 25 до 34 години, чиј број од 2020 до 2024 година е зголемен за околу 46.000. Интересно е што и младите на возраст од 15 до 24 години сѐ повеќе активираат интернет или мобилно банкарство, така што бројот на овие сметки пораснал за околу 64.500.
Но, бројките на активни корисници на интернет и мобилно банкарство се уште помали. Повторно најголем број корисници се на возраст од 35 до 44 години. Во 2024 година биле 86.262 и за четири години нивниот број се зголемил за 30.000. Следни се граѓаните на возраст од 25 до 34 години (69.856 активни корисници) и од 45 до 54 годни (65.697 активни корисници). Пред четири години од оваа возрасна категорија само околу 85.000 граѓани активно вршеле онлајн платежни трансакции.
Бројот на пензионерите што користат дигитално банкарство се зголемува, но бројките се многу скромни. Активно ја користат оваа услуга на банките 6.544 пензионери, иако 26.865 имаат инсталирано интернет и мобилно банкарство.
Машката популација во земјава доминира во вкупниот број на платежните сметки. Во 2024 година, 1.991.756 сметки биле на мажи, а 1.506.891 на жени. Кога станува збор за територијалната поделба на корисниците на дигитално банкарство, интересно е дека првите пет општини со најголем број платежни сметки на граѓани што имаат инсталирано дигитално банкарство во однос на вкупниот број платежни сметки на физички лица се:
Маврово и Ростуше (67,2%, односно 1.282 сметки од вкупно 1.908)
Студеничани (43,9%, односно 3.678 сметки од вкупно 8.384)
Илинден (42,8%, односно 5.972 сметки од вкупно 13.941)
Боговиње (39,7%, односно 4.341 сметки од вкупно 10.921)
Врапчиште (39,1%, односно 2.232 сметки од вкупно 5.711)
Затоа, пак, топ 5 општини чии жители најактивно ги користат платежните сметки за дигитални платежни трансакции се:
Карпош (18,2%, односно 19.638 сметки од вкупно 107.704)
Аеродром (18,2%, односно 18.820 сметки од вкупно 103.169)
Кисела Вода (15%, односно 12.495 сметки од вкупно 82.191)
Ѓорче Петров (14,3%, односно 6.263 сметки од вкупно 43.796)
Центар (12,9%, односно 91.076 сметки од вкупно 706.987)
Редакција Пари
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.