ПОВЕЌЕ

    За настраданите во пожарот 15 милиони денари од „Алкалоид“, помогнати се и здравствените установи

    Време зa читање: 2 минути

    За настраданите во пожарот што се случи во кочанската дискотека „Пулс“, фармацевтската компанија „Алкалоид“ донира 15 милиони денари. Средствата ќе се распределат преку Фондот на солидарност на Црвениот Крст. Упатуваат и благодарност до 165-те ангажирани волонтери на хуманитарната оргамнизација, како и на сите што на некој начин помогнале во справувањето со последиците од трагедијата.

    „Со изрази на висока почит кон покажаната хуманост на македонските државјани од земјава и од странство, како и кон сите пријателски и добронамерни гестови од поединци и организации во земјава и ширум светот, ‘Алкалоид’ се приклучува кон масовната акција за помош на настраданите во трагичниот пожар во Кочани.

    Преку нашиот долгогодишен партнер, Црвениот Крст на РСМ, компанијата одлучи да донира 15 милиони денари за поддршка на настраданите граѓани и нивните семејства засегнати од стравичната трагедија во Кочани. „Алкалоид“ АД Скопје упатува благодарност до оваа организација и до секој еден од нивните 165 ангажирани волонтери, кои безрезервно помагаа во бројни ситуации. Во оваа прилика, би сакале да искажеме посебна благодарност и до сите здравствени системи и здравствени професионалци во земјава, во регионот и низ Европа, кои несебично ги ставија на располагање своите ресурси и знаења во клучните моменти од животоспасувачката мисија“, се наведува во соопштението од компанијата. Притоа, се додадава, ќе продолжи да помага онаму каде е потребна помош и поддршка.

    Од денот на несреќата 16 март па наваму, „Алкалоид“ во неколку наврати, како што велат, симболично им помогнале на здравствените установи во Македонија со производи од својот асортиман, во делот на пројавените потреби.

    „Во името на нашиот колектив, изразуваме длабоко сочувство до семејствата на настраданите и искрено жалење за ненадоместливите загуби. Истовремено, упатуваме искрени желби за брзо закрепнување на повредените кои се лекуваат во земјава и во странство“, велат од фармацевтската компанија, од каде што ги поздравуваат напорите за помош на сите поединци и организации, кои со сопствени ресурси и несебични ангажмани придонеле и придонесуваат за поефикасно справување со трагичните последици. „Понекогаш, и мал гест или убав збор за утеха и поддршка може да направи голема разлика“, посочуваат од „Алкалоид“.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично