Првата транша од 10,4 милиони евра, средства од унграскиот кредит наменет за компаниите, денеска се префрелени од централниот Буџет до Развојна банка, што практично значи дека оние фирми на кои им се веќе одобрени барањата за кредит ќе ги добијат и првите пари.
Според министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, трансферот беше реализиран по доставено барање на Развојната банка за повлекување на средствата, а по одобрување на проектите од страна на деловните банки.
Имено, во Буџетот за 2025 година се планирани 250 милиони евра средства за поддршка на домашните компании со кои ќе се поттикне реализација на нов инвестициски циклус во приватниот сектор, којшто ќе влијае на поттикнување на економската активност.
„Очекуваме компаниите да ги препознаат поволните услови кои ги обезбедивме со оваа кредитна линија и планираните средства да се искористат во целост. Тоа ќе биде силен поттик на домашната економија и поддршка особено имајќи ги предвид понеповолните услови во глобални рамки“, напиша на својот ФБ профил.
Според Сојузот на стопански комори (ССК) унгарскиот кредит е еден од најповолните и претставува скромна, но голема поддршка за фирмите.
„Парите ќе бидат од голема помош, но дали ќе го решат проблемот, дали ќе овозможат економски бум, е прашањето. Бизнисот е комплексна материја, не е едноставна состојба која брзо се решава. Условите за работа во бизнисот се деликатни, некогаш зависат од локалните услови, некогаш од интернационалните, некогаш од глобалните… “, доде неодамна претседателот на ССК, Трајан Ангелоски.