Верува во работа, посветеност, труд, амбиција, квалитет… како услови за градење успешна кариера. Од лично искуство, стекнувано на раководни позиции во неколку државни институции, тврди дека полот никогаш не претставувал пречка за напредување. Сега Анита Стамнова управува со Централниот регистар каде што, вели, владее женската енергија.
Во пресрет на Меѓународниот ден на жената, Порталот Пари направи инспиративни интервјуа со силни и успешни жени, кои храбро се соочуваат и справуваат со предизвиците што се појавуваат на патот кон целите поставени на професионален план.
Пари: Во досегашниот тек на кариерата сте извршувале повеќе раководни функции во државните институции. Дали тоа што сте жена некогаш претставувало препрека на патот кон успехот?
Анита Стамнова: Да бидам искрена, не. Работев со многу тимови, работни групи, институции кои броеле дури и пет илјади колеги, но не можам да кажам дека полот бил препрека за извршување на некоја од функциите. Како клуч, би рекла дека секогаш бил трудот, амбицијата, континуитетот и меѓусебното почитување. Немам став дека патот кон успехот зависи од полот, едноставно, сметам дека почитта, авторитетот и сé што пропратно доаѓа со успехот се наметнува само по себе, преку оставениот белег, а не заради пол или други обележја.
Во тимовите во кои работев, па и кои ги раководев, секогаш природно имало претставници на различна вера, националност, пол, идеологија и нормално, сите биле различни карактери, но впрочем во тоа е убавината, бидејќи сите ние сме различни, а еден систем го сочинуваат различни компоненти за да биде функционален. Целта е секој да го даде својот придонес, јас велам максимум, за да постигнеме што поголеми резултати во тоа што го работиме и на тоа на што сме се посветиле.
Пари: Моќта за одлучување е во телата на управување. Колку е тешко или лесно жената да стигне до тие позиции во јавниот сектор, има ли родови бариери?
Анита Стамнова: Моето искуство вели дека нема родови бариери. Верувам во квалитет, работа, посветеност, труд, амбиција, особини кои не познаваат родова поделба. Точно е дека можеби во некои средини сé уште владее духот на родова бариера, не заради недостаток на она што го набројав погоре, туку заради постоење на тој патријархален дух на воспитување, кој постои не само на нашите простори, но и пошироко. Можеби, тоа е резултат на сфаќање, идеологија. Ако направиме анализа од блиското минато до денес, неизбежно е да ја забележиме еманципацијата и позицијата на жената во сите области, па и лидерски, раководни, одлучувачки. Условите за овој, јас ќе го наречам сопствен избор, се отворија за секоја жена да има можност, повторно ќе потенцирам, согласно својата амбиција и желба да се издигне и да го најде своето место во општеството.
Пари: Што би требало да се промени за да се обезбеди еднаквост и можности за напредување, со што би се зголемила застапеноста на жените на високите функции?
Анита Стамнова: Дефинитивно, би ја споменала децентрализацијата на институциите и раководењето со локалните и подрачните единици во помалите места. Јас имам потекло од Велес, природно е да размислувам во таа насока, да се даде шанса за напредок на сите подеднакво, а потоа повторно би го потенцирала изборот за тоа дали некој ќе одлучи да се посвети на професијата, напредокот, лидерство и менаџмент во услови кога подеднакво сме потребни и во семејството. Сметам дека кога би се дала еднаква шанса на сите, со добра организација, а пред сé визија за тоа што нѝ е целта да постигнеме, може сé да се постигне.
Пари: Кои мерки или програми се спроведуваат во Централниот регистар за да се поттикне професионалниот развој и напредокот на жените?
Анита Стамнова: Во моментов, во Централен регистар работат 189 жени и 106 мажи. Значи, раководам со институција во која генерално владее женска енергија и можам да кажам дека тоа има своја убавина. Имаме 23 жени на раководни позиции, со кои имаме навистина амбициозни планови. Верувам во сите нив и едноставно сум убедена дека заеднички го одиме правиот пат. Владее прилично позитивен дух, жените во Централен регистар се голема поддршка кога треба нешто големо да се сработи. Немаме полови бариери, оваа институција постои за сите граѓани, но генерално е матрица на бизнис секторот. Секако дека сите мерки кои се преземаат и напредокот кој се постигнува во оваа област се должи на поттик, мотив и олеснување на чекорите за отпочнување бизнис, без разлика на полот, како и други различности.
На пример, заклучно со 04.03.2024 година, во Централен регистар сме имале 37.186 жени сопственички на бизнис и 32.818 жени управители. А, заклучно со 04.03.2025 имаме 38.333 жени сопственички на бизнис и 33.420 жени управители.
Пари: Раководите со значајна институција во која се слеваат огромен број специфични и важни податоци. Како се обезбедува нивната заштита и кои се најголемите предизвици во таа насока?
Анита Стамнова: Централен регистар важи за институција посветена на развој на високо технолошки решенија за реализација на услугите од свој домен. Воспоставен е функционален систем за Управување со безбедноста на информациите, а сме сертифицирана институција и по стандардот ИСО 27001 – Безбедност на податоци.
Се грижиме за обезбедување постојана заштита на своите информациски средства од сите видови на закани со цел обезбедување континуитет во работењето, минимизирање на штетите предизвикани од можни безбедносни инциденти и максимизирање на поволните деловни можности. Првенствено поради законските обврски кон корисниците, како и релевантната македонска законска регулатива, Централен регистар се грижи да обезбеди заштита на информации од неавторизиран пристап, нивна доверливост и интегритет како и расположливост во време кога тие се потребни.
Секој вработен во Централен регистар е одговорен за управување со безбедност на информациите со цел исполнување на барањата на системот за управување со безбедност на информации и законските прописи, а постојано работиме на одржување на плановите за континуитет во работењето и опоравување од катастрофа со цел навремено исполнување на барањата на своите корисници. Секако дека се врши и редовна анализа на ризиците и оценка на нивното влијание врз работењето, со цел целата организација да биде свесна за окружувањето во кое работи за соодветно да се заштити себеси и своите корисници.
Пари: Кои нови технологии или иновации се имплементираат во Централниот регистар за да се зголеми ефикасноста на работата и да се подобрат услугите за корисниците?
Анита Стамнова: Квалитетно одржување и развој на системите се најзначајни компоненти за институции од овој вид. Тргнавме со „полна пареа” во реализација на поединечните проекти кои се одговорни за овие две компоненти. Некои од нив се во завршна фаза, и веќе се подготвуваме за пуштање и на продукциска околина, а за некои допрва нé чека отпочнување со работа. Сепак, сигурна сум дека со континуирана посветеност, труд и ангажман на секој од тимовите во своја област, ќе го постигнеме она што визионерски го имаме замислено.
Тука е новото централизирано најавување и регистрирање на корисници на електронските услуги, односно интеграцијата со eID и OneID автентикациите на МДТ и КИБС, со што се овозможува поедноставно најавување или регистрација доколку корисниците имаат веќе кориснички налози во овие институции. Тоа значи и тројна автентикација на корисникот, што е многу значајно кога станува збор за софистицирани кориснички системи. Ќе споменам повеќе нови производи на дистрибутивниот систем , кои многу скоро ќе бидат достапни за крајните корисници. Надградба на Регистарот на вистински сопственици, следење на ЕУ директивите, со цел целосно усогласување на работата со меѓународната пракса и многу други помали и поголеми проекти кои произлегуваат и од самите корисници. Како институција редовно го мериме нивото на задоволство на корисници од услугите, а од тоа произлегуваат предлози, сугестии, правиме приоретизација, со оглед на фактот дека за реализација на некои е потребна и законска измена, некои од нив ги третираме како долгорочни, но по краткорочните предлози, постапуваме и веднаш, во рамки на процедурите и законските можности.
Пари: Како Централниот регистар се адаптира на промените во законодавството и на пазарните услови, и како тоа влијае врз вашата дневна оперативна стратегија?
Анита Стамнова: Централен регистар е институција формирана со Законот за Централен регистар. Како централна информативна база на правни и друг вид релевантни податоци кои се внесуваат во него, податоците кои се внесуваат во ЦР електронски се обработуваат, обединуваат, селектираат, чуваат и се прават достапни до крајните корисници. Во сите поголеми градови во Републиката распоредени се 27 канцеларии – 12 регионални и 15 регистрациони, поврзани со IPVPN (виртуелна приватна мрежа базирана на интернет протокол) функционираат поврзано адаптирани на потребите на бизнис заедницата и сите граѓани. Ги следиме и меѓународните практики, речиси на дневно ниво сме поврзани со истородни институции преку организациите каде Централен регистар е членка, сo цел да ги прошириме и развиеме своите бази со дополнителни податоци (формирање нови основни регистри и постојано унапредување на постојните), бидејќи Централен регистар е значаен учесник во креирањето на подобра бизнис клима во Републиката, промотор на странски инвестиции и општествено одговорна институција.
Секако, со цел да креираме развојна стратегија, сите овие фактори се релевантни: потребите на корисниците, законските услови, меѓународната пракса и пазарните услови. Со цел да го овозможиме најдоброто корисничко искуство и да обезбедиме најдобра и најквалитетна услуга, дефиниравме стратешка определба за достигнување успешни резултати, стекнување доверба кај корисниците и градење стабилна врска со нив. Континуираното унапредување на својата работа ја постигнуваме преку реализација на Развојната стратегија на Централен регистар, како и преку имплементација на годишните планови и останатите нивоа на регулативи, целиме кон позитивен импакт со што оваа институција директно ќе влијае на развојот на националната економија.
Маја Анастасова