Маржите во трговијата – и на мало и на големо – се ограничуваат на десет проценти се до крајот на април. Во меѓувреме, маркетите, по препорака на Владата, треба да пристапат кон подготовки за транспарентно објавување на цените и нивно ажурирање на дневна основа.
Ова произлезе од денешната владина седница, а од прес-службата информираат дека Министерството за економија е задолжено да ја донесе предлог мерката за ограничувањето на маржите. Со неа ќе бидат опфатени основните прехранбени производи на 73-те групи производи кои беа во составот на претходните кошници.
„Но, ќе се дополни со средства за хигиена, како што се детергентите и плус да се дополни со бебешка храна, и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а се дел од основните потреби на граѓаните“, пишува во владиното соопштение.
Оттаму и очекувањето да бидат вклучени над 100 групи производи.
„Оваа мерка е предвидено да трае од денот на донесување, што се очекува да биде за многу брзо од денес, и да трае заклучно до 30.04.2025 година“, посочуваат од Владата.
Што се однесува до препораката упатена до трговците, за која и пред седницата проговори премиерот Христијан Мицкоски – на веб-страниците да се објавуваат цените на сите производи, а податоците дневно да се обновуваат, целта е да им се овозможи на граѓаните увид и можност за избор:
„Целта на оваа препорака е да придонесеме за поголема транспарентност, кадешто граѓаните сами ќе можат да одлучат во кои од маркетите ќе пазарат, да ја видат разликата во цените, а цениме и дека ваквиот пристап кој има карактер на препорака, а не на ограничување, ќе придонесе кон некое усогласување на самите цени на производите“, информираат од Владата.
Воедно, се додава во соопштението, Владата го задолжила Министерството за економија и труд да организира итен работен состанок со сите надлежни институции – со Државниот пазарен инспекторат, министерствата за финансии и земјоделие, КЗК и други „кај што ќе може да се разгледуваат и други предлози и мерки коишто ќе имаат долгорочно решавање на оваа состојба“.
Ова е нов обид за зауздување на цените. Претходно, делумен ефект беше постигнат со владините кошници, со есенската и новогодишната, кои дадоа контра-ефект кај производите што не беа во нивниот состав.