Дали ќе успее првиот синхронизиран притисок на граѓаните врз трговците во регионото, откако, поттикнати од примерот на Хрватска, бојкотирање на купувањето од големите трговски ланци за овој петок, 31. јануари беше најавено и во Србија, Босна и Херцеговина, во Црна Гора и во Македонија?
“По бојкотот во петокот, трговските синџири покажаа дека се подготвени да ги намалат цените, а во многу случаи цените драстично се намалија. И ова е под ознаката „траен попуст“. Тоа значи дека е возможно“. Вака ги сумираше резултатите од минатонеделниот бојкот на хрватските супермаркети Јосип Келемен, претставник на платформата „Ало, инспекторе“, која е организатор на оваа граѓанска акција во Република Хрватска, најавувајќи нов казнен удар врз големите трговии, со поголем опфат, за овој петок, 31. јануари.
Хрватите во продавниците потрошиле вкупно 28,6 милиони евра, наспроти над 60 милиони минатиот петок. Нагло паднал и бројот на издадени фактури, речиси двојно се зголеми, со околу 2,2 милиони издадени во споредба со минатонеделните 3,7 милиони, покажале сумираните резултати од првиот бојкот во Хрватска.
Организаторите на првиот бојкот во Хрватска објавија дека падот на продажбата на мало во однос на минатиот петок изнесувал 53 отсто на ниво на држава, додека фискализирани се 44 отсто помалку поединечни фактури, според податоците на хрватската даночна управа. За 31-ви тие ги повикаа хрватските граѓани да се воздржат од „какви било купувања“, што вклучува продавници, трансакции со банки, телекомуникации, нарачки преку платформи за испорака, а според нив, бојкотот треба да вклучува и воздржување од прекумерна потрошувачка во кафулиња, ресторани, патувања, на бензински пумпи и во аптеки.
Освен тоа, „Ало инспекторе“ најавија и проширување на бојкотот на цела недела, со кој треба да бидат засегнати оние производи во хрватските продавници кои во последно време имале најголем, според нив, неоправдан пораст на цените, како што е пакуваната вода, производите на Кока-кола, детерџенти за садови и сл.
Паралелно со хрватската акција, здружението за заштита на потрошувачите „Ефектив“ ги повика граѓаните на Србија, во петок 31. јануари да ги бојкотира големите супермаркети поради монополизацијата на пазарот и договорените цени. Како причина за овој повик Ефектива посочува дека Србија има највисоки цени во Европа.
Тие ги повикуваат сите граѓани тој ден да не купуваат ништо во големите трговски синџири како Delhaize, во кои спаѓаат „Макси“ и „Шоп&Го“, потоа Меркатор во кој спаѓаат „Идеа“ и „Рода“, како и „ДИС“, „ Лидл и Универекспорт. „Време е потрошувачите да возвратат“, нагласуваат тие во повикот.
Црногорската невладина организација Институт алтернатива, по успешната акција во Хрватска, ги повика граѓаните на 31 јануари да ги бојкотираат супермаркетите и продавниците. „В петок повикуваме на бојкот на супермаркетите и продавниците во Црна Гора, на сите без исклучок, бидејќи тоа нема никаква врска со политика. Високите цени подеднакво ги погодуваат сите граѓани“, се наведува во соопштението.
Црногорските иницијатори на граѓанскиот бојкот наведуваат дека цените се екстремно високи и дека водечките трговски синџири ги договараат цените, поради што граѓаните да не го почувствувале зголемување на платите и пензиите. „Можеме ли политиката да ја оставиме настрана еден ден, да не се делиме, сите да бидеме едно, да им покажеме дека ние сме тие што одлучуваат?“, ги прашаа тие граѓаните во соопштението.
На 31 јануари бојкот на трговските објекти е закажан и во Босна и Херцеговина. Социјалните мрежи во Босна и Херцеговина, по успешната граѓанска акција во Хрватска, шират повици за бојкот на продавници, бензински пумпи, кафулиња и ресторани во петок, 31 јануари 2025 година, како израз на незадоволство од високите цени и нискиот животен стандард. „Не купувајте ништо еден ден. Не одете во продавници, бензински пумпи, не одете во кафулиња, не одете во ресторани“, стои во една од објавите што масовно ги споделуваат граѓаните на Босна и Херцеговина.
ЌЕ БОЈКОТИРАМЕ ЛИ В ПЕТОК?
И во Македонија се погласни се повиците за бојкот на трговските ланци за истиот датум како и во другите држави во регионот во петок, 31 јануари, а на социјалните мрежи се споделува и повик за бојкот. Македонските потрошувачи секојдневно негодуваат поради скапотијата, но дали организирано ќе настапат како граѓаните на Хрватска, не е извесно.
Новата Фејсбук група, БОЈКОТ!!!СТОП ЗА ВИСОКИТЕ ЦЕНИ НА ХРАНАТА!!!, чие членство постојано се зголемува, е една од платформите каде тој бојкот се заговара. „Стоп за високите цени на храната по маркетите, стоп за огромниот профит на поединци врз грбот на народот. Да се здружиме сите заедно бидејќи нема кој да не заштити“, „Само силата на народот може да направи промена“, се само дел од објавите со кои се поттикнуваат граѓаните да се приклучат кон петочниот бојкот на супермаркетите, односно да се воздржат од купување тој ден. Групата, креирана пред само еден ден, веќе има преку 1.700 членови.
Просечната инфлација на храна во 2024 година во однос на 2023 година кај нас била 2,9 насто, во Србија била 3,3 насто, а Хрватска поминала најлошо, со 3,9 насто. Оваа бројка открива зошто на Хрватите им се стемни. Ваква просечна инфлација за цела година во однос на просечната инфлација од претходната година, немал никој во регионов!
Најмалку, пак, за цела 2024 година, трошоците за храна пораснале во Црна Гора, за 1,3 насто.
И додека некаде во регионот ваквите граѓански реакции се директно поддржани и од највисоките државни функционери, македонскиот премиер вели дека има разбирање за овој потег. „Јас имам лично разбирање за оваа акција на граѓаните и тука не треба да имаме никаква дилема. Од самиот почеток зборувам за однесувањето на поединци во овој бизнис и дека на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат високи профити. Институциите, пазарниот инспекторат ја следат состојбата и навремено реагираат“, изјави македонскиот премиер Кристијан Мицковски, прашан дали би ја поддржал иницијативата на македонските граѓани за бојкот на маркетите овој петок.
(Фото: Фејсбук/Гласен Текстилец)