ПОВЕЌЕ

    Каква среќа со профитот имаат македонските компании?

    Време зa читање: 5 минути

    Профитабилноста е финансиски параметар што дефинитивно ја отсликува успешноста во работењето на една компанија, а го посакуваат и менаџментот и акционерите. Особено кога е континуирана состојба и кога бележи раст секоја година. Иако намалениот профит не мора да значи и помалку успешно работење на компанијата затоа што може да биде резултат на поголеми инвестиции и раст на работењето на компанијата, сепак ретко кој е среќен кога добивката се намалува.

    Ја анализиравме профитабилноста на 100-те најпрофитабилни компании во земјава од приватниот сектор со цел да видиме кои компании имаат најголема среќа со профитот во последните четири години, а кои имаат економски турбулентен период проследен со изразена инфлација, нарушени снабдувачки синџири и неповолни енергетски влијанија. Банките, кои бележат континуиран и рекорден раст на профитите, ги исклучивме од анализата за да добиеме појасна слика за останатиот дел од домашното стопанство.

    ПЕТ КОМПАНИИ СО РАСТ НА ДОБИВКИ ВО ТЕКОТ НА ЧЕТИРИ ГОДИНИ

    Анализирајќи ги податоците што во изминатите четири години ги објави порталот Пари заедно со платформата Бизнис мрежа, дојдовме до заклучок дека само 5 компании во Македонија имале постојан раст на профитот. Според висината на растот на добивката, на прво место е компанијата Кнауф, која во 2023 година го зголемила профитот за 41,15 насто, во 2022 година за 1 насто, во 2021 година за фантастични 118 насто, а во 2020 година за 20 насто.

    На второ место е гевгелиската компанија Конти хидропласт, со раст на профитот во 2023 година од 5,13 насто, во 2022 година од 8 насто, во 2021 година од 25 насто и во 2020 година од дури 136 насто. Во ова друштво е и најголемата фармацевтска компанија во земјава, Алкалоид, со зголемена добивка од 8 насто во минатата година, 10 насто во 2022 година, 12 насто во 2021 година и 13 насто во 2020 година.

    Амфенол технолоџи исто така во последните четири години има постојан раст на добивката, кој во 2023 година изнесува 8,66 насто, во 2022 година е 17 насто, во 2021 година е 22 насто, а во 2020 година нема зголемување на позитивниот резултат. Во оваа петорка е само уште Супорт солушнс со помали, но сепак постојани стапки на раст на профитот ‒ 0,94 насто во 2023 година, 20 насто во 2022 година, 2 насто во 2021 година и 9 насто во 2020 година.

    Извор: Бизнис мрежа

    ДОБИВКИТЕ НАГОРУ-НАДОЛУ

    Сите останати компании од најпрофитабилните имаат години со негативни стапки кај профитите, односно намалување на остварената добивка во однос на претходната година. Притоа, интересно е да се истакне дека некои компании во одредена година остваруваат драстично зголемување на добивката од неколку стотина проценти, а веќе во следната година имаат пад изразен од неколку десетици проценти, што веројатно во голема мера се должи токму на неповолните пазарни влијанија и нарушените односи во набавката на суровини и пласман на производите, особено на пазарите во странство.

    На пример, Џонсон Мети, која во сите овие години убедливо е на прво место според висината на остварената добивка, сепак преку една година бележи пад на профитот во однос на претходната. Во 2020 година во однос на 2019 година имала намалена добивка за 11 насто, во 2021 година прикажува раст на профитот од 16 насто, во 2022 година повторно има пад од 9 насто, а во 2023 година се враќа во позитива со раст на добивката од 5 насто. ЕВН Македонија по 3 години пад на добивката, во 2023 година бележи раст од фантастични 546 насто! И Македонски телеком, Цементарница Усје, Пуцко петрол, Пивара Скопје и други компании од најпрофитабилните во минатата година успеаја да ја зголемат профитабилноста по надолни трендови во претходните години.

    Извор: Бизнис мрежа

    Некои компании во 2023 година, па и во претходниот период, бележат пад на добивката, како на пример: Те-то, Орка холдинг, Рудник Саса, ИГМ трејд, Адора инжинеринг, Макпетрол, А1 Македонија и Мермерен комбинат Прилеп.

    Извор: Бизнис мрежа

     САМО 33 КОМПАНИИ ПОСТОЈАНО СЕ ВО СЕМЕЈСТВОТО 100 НАЈПРОФИТНИ ФИРМИ

    Интересно е и дека само 33 компании се постојано меѓу 100-те компании со најголеми профити во сите четири години, додека останатите во одредени години влегуваат или излегуваат од најдобрата 100-ка.

    Но, највпечатливо во ова друштво на успешните е што во одредена година се појавуваат компании со висина на добивка што ги вбројува меѓу најуспешните 100 компании, и која е за неколку пати поголема од претходна година, а следната година веќе ги нема никаде.

    Во најпрофитабилните во 2022 година, со раст на добивката од над 1.000 насто инцидентно се појавуваат ЕТМТ енерџи, АТС гроуп, Ако градба, Макошпед. Во 2021 година се Интертрејд компани, Металпромет, а во 2022 година е Сити плаза.

    Во корпоративниот свет ваков раст на добивката се смета за своевиден феномен и најчесто се поврзува со исклучителни околности или извонредни перформанси.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично