ПОВЕЌЕ

    ПРЕКУ РАСТОТ НА КРЕДИТИТЕ И ДЕПОЗИТИТЕ – Добивка од над 44 милиони евра за НЛБ банка

    Време зa читање: 3 минути

    Раст на кредитите и депозитите, зголемена нето добивка и силен придонес во заедницата се остварувањата на НЛБ банка по одработените девет месеци од годинава. Стабилното и безбедно делување резултира со профит од близу 44,2 милиони евра. За 11,6 проценти повеќе од минатогодишната добивка забележана по истекот на третото тримесечје.

    За ова постигнување значајна е и довербата од клиентите, изразена со растот од 8,1 насто кај депозитите и со 6,9 проценти кај кредитите.

    Во споредба со нивото од крајот на 2023, вкупните депозити во НЛБ банка се зголемени за 2,5 проценти. На последниот ден од септември нивниот износ е 95.162.259.000 денари или 1,54 милијарди евра. Тоа значи дека на НЛБ и се доверени 17,05 отсто од вкупните депозити во банките, кои според податоците на НБРСМ, во деветиот месец од годинава изнесуваат 9,03 милијарди евра.

    Побарувачката од страна на граѓаните за кредити – станбени, потрошувачки и автомобилски го зголемила кредитирањето за шест проценти. Па, вкупните кредити кај небанкарскиот сектор изнесуваат 77.217.292.000 денари, односно 1,25 милијарди евра. Бележат зголемување од 4,2 насто.

    Оттаму, во својот биланс на успех НЛБ банка регистрирала и раст на каматните приходи од 20,1 процент. А, само приливите од пресметаните и наплатени камати се повисоки за 21 процент, што според образложението, меѓу другото се должи на приходите од камата кај станбените и потрошувачките кредити на домаќинствата. Расходите, пак, за камати се зголемени за 29 проценти.

    Од наплатените провизии за дадените банкарски услуги нето-приходот е 3.481.718.000 денари (56,6 милиони евра). Што е за 15,3 насто повеќе споредено со претходната година. Наспроти тоа, трошоците по оваа основа се намалени за 12,6 отсто.

    Од деветмесечното работење Банката на приходната страна инкасирала вкупно 5.038.748.000 денари (81,9 милиони евра), сума која е за 13,8 насто повисока од ланската. За 10,4 проценти се поголеми и оперативните трошоци, кои изнесуваат 33,7 милиони евра.

    „Позитивните деловни перформанси на Банката се должат на континуираните продажни активности на кредитните продукти со посебен фокус на домаќинствата, микро, малите и средни претпријатија, зголемен број на корисници на платните сервиси, како и позитивните трендови на финансиските пазари. Воедно, успешното работење на Банката е и резултат на внимателно управување со ризиците, оперативната ефикасност, како и постојаната посветеност за подобрување на корисничкото искуство и искористување на можностите за понатамошен раст“, велат од НЛБ банка.

    Воедно, посочуваат дека во трите тримесечја реализирале и поддржале низа општествено одговорни проекти и активности од областа на спортот, културата и традицијата, образованието и финансиската едукација, помош при катастрофи и поддршка на ранливи и маргинализирани групи.

    „Во споменатиот период започна втората сезона на проектот за развој на младински спорт ‘Растеме во шампиони’, а Банката и годинава застана зад годишната програма на ‘Специјалната Олимпијада’, но и зад многу професионални спортски клубови и федерации. Традиционално, НЛБ банка ги поддржа Галичка свадба, Охридско лето, Скопскиот џез фестивал и низа други проекти значајни за заедницата“, наведуваат од Банката.

    Тој курс ќе биде задржан и во понатамошното работење – НЛБ банка ќе ги поддржува потребите и активностите на граѓаните и на бизнисот. Во фокусот и натаму се дигитализацијата, унапредувањето на клиентското искуство, проширување на портфолиото на производи и услуги со посебен акцент на „зелените“ продукти, како и општествено одговорните проекти.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично