ПОВЕЌЕ

    ПРИРОДНИТЕ КАТАСТРОФИ ЗАКАНА ЗА ЗЕМОЈДЕЛСТВОТО, помош од речиси 120 милиони евра за 5 земји во ЕУ

    Време зa читање: 3 минути

    Земјоделските сектори се соочуваат со многу ризици, како што се нестабилноста на климата и пазарот, штетници и болести, екстремни временски настани…

    Земјоделците од ЕУ се главно немоќни да се справат со последиците од природните катастрофи бидејќи преставуваат значителна закана врз земјоделството.

    Во четвртокот на 19 септември во Стразбур, Европската комисија и европратениците изразија жалење поради недостатокот на инструменти и средства обезбедени од ЕУ за да им се помогне на земјоделците да се справат со природните катастрофи.

    „Во врска со поплавите во Романија, Словачка, Унгарија, Чешка, Австрија, Полска. Италија внимателно ја следиме ситуацијата и сме во контакт со националните власти на засегнатите земји, со цел да се добие целосна проценка на состојбата и нејзиното влијание врз земјоделците“, истакнаа тогаш европратениците.

    По тој настан, во текот на вчерашниот ден Европската комисија предложи финансиска помош во вредност од 119,7 милиони евра (133 милиони американски долари) конкретно за земјоделците во Романија, Бугарија, Германија, Естонија и Италија кои беа погодени од неповолните временски настани во пролетта и почетокот на летото.

    Најголем дел од финансирањето ќе добие Германија, во вкупна вредност од 46,5 милиони евра, потоа Италија со 37,4 милиони, Романија со 21,6 милиони, Бугарија со 10,9 милиони и Естонија со 3,3 милиони, се наведува во соопштението на Комисијата.

    „Овој предлог претставува силна изјава за солидарност на ЕУ со земјоделците кои имаат потреба. Нашите земјоделци не стојат сами во борбата против климатските промени“, рече Јануш Војчеховски, европски комесар за земјоделство.

    Средствата ќе бидат извлечени од Заедничката земјоделска политика (ЗЗП) на ЕУ 2023-2027 година, која вклучува земјоделска резерва од најмалку 450 милиони евра годишно за да се решат нарушувањата на пазарот и исклучителните околности.

    Се очекува националните власти да ја распределат помошта на земјоделците до крајот на април 2025 година и може да ја дополнат доделената сума со национални средства до 200 проценти.

    Тешкото време во првата половина од годината вклучуваше топли и суви услови во Италија, мраз во Естонија и Германија и топлотни бранови, суша и бури во Бугарија. Во јули, Комисијата одвои 77 милиони евра од ЗЗП за земјоделците во Австрија, Чешка, Полска и Португалија погодени од неповолните климатски услови.

    Климатските промени продолжуваат да влијаат на Европа, што доведува до екстремни временски услови, вклучително и поплави во централна Европа на почетокот на овој месец.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично