Александра Максимовска Стојкова е новиот претседател, а Ванчо Чифлиганец заменик претседател на Надзорниот одбор на Комерцијална банка. Изборот е направен на конститутивната седница на овој орган на управување.
„Комерцијална банка АД Скопје објавува дека на конститутивната седница на Надзорниот одбор на Банката, одржана на 04.06.2024 година, Александра Максимовска Стојкова е избрана за претседател, а Ванчо Чифлиганец за заменик претседател на Надзорниот одбор“, се вели во објавената информација на Македонска берза.
И двајцата беа дел и од преходниот состав на Надзорниот одбор, односно беа реизбрани на акционерското Собрание што се одржа на 27 март. Максимовска Стојкова е професорка по правни науки на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, а Чифлиганец бизнисмен и професор по економска геологија и менаџмент. Таа на оваа позиција фактички ја наследи Сава Димитрова, поранешната долгогодишна директорка на „Европа“, чиј заменик беше професорот и академик Таки Фити. Нивниот, како и мандатот на целиот тој НО заврши на 20 мај.
Нови во актуелниот состав на Надзорниот одбор кој се Ивана Милковска Симева, заменик генерален директор и еден од поголемите акционери на „Гранит“ и независниот член Петар Теговски, кој своевремено беше во раководството на некогашна Охридска банка.
Во наредните четири години Надзорниот одбор ќе функционира во состав: Александра Максимовска Стојкова, Ванчо Чифлиганец, Петар Теговски, Ивана Милковска Симева, Горан Антевски, Фатмир Етеми и Сашо Наумоски.