ПОВЕЌЕ

    МБИ 10 ВИСТИНСКИ РЕКОРДЕР ВО ПОСЛЕДНИТЕ ЧЕТИРИ МЕСЕЦИ – постигна најголемо ниво од 2008 година досега

    Време зa читање: 4 минути

    Берзанскиот индекс МБИ10 од почетокот на годината порасна за импресивни 17,82%, особено ако се спореди со скромниот раст од 3,65% во истиот период лани. МБИ10 индексот, патем, достигна највисоко ниво по април 2008 година, кога последен пат беше над 7.000 индексни поени.

    Со тоа главниот индекс на Македонската берза го продолжува позитивниот раст започнат во 2016 година, кој беше забавен од Ковид-кризата, но сега бележи многу поголеми стапки на раст. За пет години МБИ10, практично, ја има удвоено својата вредност, покажува анализата што ја направи порталот „Пари“. Во 2018 година, максималната вредност на индексот изнесуваше 3.687,76 поени. Со тоа МБИ10 уверливо ги надмина сите останати категории на инвестиции достапни на македонските инвеститори на домашен терен. Конкуренција може да му бидат евентуално недвижностите, чии цени исто така бележат рекорден раст, но на овој пазар состојбите не се до крај јасни, а не се знае прецизно ни колкава е неговата ликвидност, односно колку лесно и брзо може да се продаде или купи недвижност по посакуваната цена.

    Извор: Македонска берза

    МБИ10 е вистински рекордер и во споредба со регионалните и европските берзански индекси. Хрватскиот CROBEX од почетокот на годината порасна за 12%, српскиот BELEX15 за 14,66%, словенечкиот SBITOP за 13,97%, а германскиот DAX, на пример, за 8,82%.

    Иако рекордниот раст на овој берзански индекс може да се толкува како симптом на будење на домашниот пазар на капитал, сепак, се чини, тој поминува незабележано. Со акциите на компаниите што го чинат МБИ10 – „Алкалоид“, „Гранит“, Комерцијална банка, „Макпетрол“, „Македонијатурист“, Стопанска банка Скопје, „Македонски телеком“, НЛБ банка, ТТК банка и УНИ банка, во март е остварен вкупен трговски промет од 473.636.543 денари, во февруари од 701.124.863 денари, а во јануари од 364.920.151 денар. Во изминатите четири недели од април со акциите на МБИ10 е остварен вкупен промет од 304.461.146 денари, што покажува дека интересот на инвеститорите почнува да се лади.

    Се поставува и прашањето – какво движење може да се очекува за следниот период, кога доаѓа сезонскиот пад на интересот за вложувања на Берзата? Минатата година тој пад беше во целиот период од мај до септември. Со оглед на бројките за остварениот берзански промет, се чини интересот почна да се намалува уште во февруари.

    Со други зборови, пазарот на капитал во земјава и понатаму е многу плиток. Вкупниот промет на Македонската берза во март оваа година бележи пад од 26%, а бројот на трансакциите е намален за 37,19%. Во февруари, Берзата регистрира раст на прометот од 88,87% и на трансакциите од 42,74%, а во јануари исто така има нагорен тренд со раст на берзанскиот промет од 38,96% и на трансакциите од 42,62%.

    Во првите четири месеци од минатата година, состојбите се шаренолики. Во јануари има пад на берзанскиот промет од 43,48%, а потоа започнува растот, кој во февруари изнесува 12,55%, во март е 124,4%, а во април 96,7%.

    Во Македонија, Друштвото за управување со отворени и затворени инвестициски фондови КБ Публикум инвест АД Скопје, има Отворен инвестициски фонд КБ ПУБЛИКУМ – МБИ 10. [ Тука ] има податоци за ризичниот профил на Фондот каде може подетално да се информирате.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично