Извршена е нова блок трансакција, во која се купени 151 акција од најголемиот македонски дистрибутер на горива. За нив познат купувач платил повеќе од 164 илјади евра.
Според објавата на Македонска берза, се работи за обични акции издадени од „Макпетрол“. Номиналната вредност е 511,29 евра. Вредност на трансакцијата е во износ од 10.117.000 денари, односно цената по акција е 67 илјади денари. Овој пакет на купувачот му обезбедува 0,13 проценти од основната главнина на компанијата.
Ова е шестата блок трансакција со акциите на „Макпетрол“ од почетокот на годинава. На овој начин вчера беа продадени 243 акции (0,22 отсто од основната главнина), а блокот имаше вредност од 264 илјади евра.
Акциите на „Макпетрол“ секогаш се меѓу најинтересните за инвеститорите и со тоа добиваат на вредност. Во текот на минатогодишното тргување просечната цена беше 65.918,33 денари, а максималната достигна 71.000 денари. Во 2023, преку 650 трансакции беше реализиран вкупен промет од над 2,6 милиони евра.