ПОВЕЌЕ

    Живко Мукаетов за The Economist: Инвестираме во извозот затоа што имаме знаење, капацитет и високи стандарди

    Време зa читање: 7 минути

    „Алкалоид“ создава нови вредности, доминира на домашниот, ценет е на странските пазари, незапирливо освојува нови простори, доби потврда за „најголем инвеститор“ на Западен Балкан… Успехот во работењето првенствено се должи на квалитетот на кадрите кои работат во компанијата, на квалитетот на производите, на брендот „Алкалоид“ и поединечните брендови градени од генерации алкалоидовци. Производите можат да се носат со било кој светски производ од тој сегмент, па оттаму и цврстата определба – инвестираме во извозот, затоа што имаме знаење, капацитет, високи стандарди во работењето, вели генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, Живко Мукаетов, во интервјуто за реномираниот The Economist.

    „Aлкалоид“ наскоро ќе одбележи 90 години од своето постоење. Како успевате да го задржите и одржите врвот во фармацијата на национално и регионално ниво?

    – Чинам дека „Алкалоид“ е дел од мојата ДНК. Мојот татко, учител и ментор, но и еден од основоположниците на модерниот „Алкалоид“, Трајче Мукаетов, во компанијата помина 34 години од својот работен век, во навистина турбулентни времиња. Јас сум дел од „Алкалоид“ близу 25 години, а речиси 18 сум на позицијата генерален директор. Во својата деветдецениска историја „Алкалоид“ надминал многубројни кризи, но секој пат покажувал резилиентност и брза адаптација кон промените. Успехот во работењето на „Алкалоид“ се должи, пред сè, на квалитетот на кадрите кои работат во компанијата, на квалитетот на производите, на брендот „Алкалоид“ и поединечните брендови кои ги имаме, а кои ги граделе генерации алкалоидовци, години наназад.

    Во последните 18 години компанијата бележи постојан раст, на што се должи тоа?

    Историски гледано, „Алкалоид“ има континуиран раст во изминативе 20 години. Ако во 2005 година, кога јас дојдов на чело на продажните операции на компанијата, имавме продажби од 53 милиони евра, 2023 година ја затвораме со пласмани од над 265 милиони евра. Овој петкратен раст не беше воопшто лесен, а во контекст на успешноста, можеби клучните зборови се квалитет, посветеност и напорна работа. Целта на „Алкалоид“ е да се диференцира преку знаење и развој на производи со додадена вредност. Во моментов, „Алкалоид“ е компанија на повеќе од 2.800 семејства, а секој еден член на големото семејство алкалоидовци придонесува нашата успешна приказна да продолжи да расте и да се развива.

    Важите за водечки инвеститор во регионот на Западен Балкан. Бевте прогласен за лидер на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан. Што за Вас претставува ова признание?

    За инвестициските потфати од 2018 до 2022 година, чиј износ достигна сума од 104,1 милион евра, „Алкалоид“ АД Скопје доби признание за „најголем инвеститор во регионот на Западен Балкан“ од страна на Регионалниот коморски форум WB6. Оваа, 2023 година, ќе ни биде рекордна инвестициска година, со вложени околу 30 милиони евра. Континуираното инвестирање и унапредување во сите сегменти од работењето ќе остане и натаму високо позиционирано како една од клучните стратешки определби во деловната политика на „Алкалоид“.

    Живееме во време кога светот го опкружуваат низа предизвици, многу компании изминативе години ставија клуч на врата поради големите загуби кои ги претрпеа, а вие успеавте да го зајакнете присуството на многу европски пазари. Кои се најголемите проблеми, бариери, ограничувања и предизвици со кои се соочувавте како компанија?

    Геополитичките случувања никако не одат во прилог на економијата особено оваа година, па предизвиците се огромни. Здравствената криза минатата година доби предзнак воена, а потоа и енергетска. Се соочивме со големи нарушувања во синџирот за набавки, недостаток на суровини и репроматеријали, посебно ми е драго што во специфични услови на функционирање, особено во изминативе три кризни години, успеавме да ги осигуриме пласманите на сите пазари каде што сме присутни и останавме партнери од доверба на здравствените системи и деловни партнери, обезбедувајќи непречено снабдување со високо квалитетни производи по достапни цени и покрај нарушените дистрибутивни канали.

    Континуирано го ширите вашето портфолио со нови производи и освојување нови пазари и клиенти. Како сте задоволни од досегашниот тек?

    2023 година ќе ја заокружиме со над 70% од нашите пласмани наменети за извозните пазари, што се однесува на сума од над 180 милиони евра. За да бидеме конкурентни на кој било странски пазар, неопходни се инвестиции во локални кадри на сите територии каде што сме присутни, во производствено портфолио, во маркетинг… Од друга страна, фармацевтските производи се високо регулирана категорија и влезот на странските пазари е исклучително тежок и спор. Но, процесот на глобализирање на брендот „Алкалоид“ е отпочнат пред околу две децении и во тој поглед ние сме комплетно подготвени за адаптација на веќе прифатените законски, правни, етички, деловни норми и правила на работење кои се практикуваат на пазарите во високо развиените земји во Европа, Америка, Блискиот Исток и слични.

    Колку нашата држава им помага на компаниите за да развијат успешна извозна стратегија? Има ли можности за некои промени? Спроведување некои практики од други земји?

    Во динамична индустрија каква што е нашата, пласманите обично се правопропорционални со инвестициите, вештините и знаењето, кои изминативе две децении ги насочивме кон градење на модерно и конкурентно производно портфолио, кое придонесува за подобро глобално позиционирање на брендот „Алкалоид“.

    Согласно македонскиот закон за поддршка на инвестициите, македонските компании кои се извозно ориентирани, добиваат приближно 10% субвенции за инвестициите, со ограничен максимален износ на субвенцијата на годишно ниво. Од друга страна пак, во Европската унија, субвенциите за инвестиции кои фармацевтските компании ги добиваат, изнесуваат половина од вкупната вложена сума. За илустрација, инвестициите на „Алкалоид“ во 2022 година изнесуваа близу 24 милиони евра, главно алоцирани за нашиот нов мега-проект „Таблетно 2“, а поддршката за оваа намена би била максимум 1 милион евра. Сепак, и за оваа иницијатива сме благодарни, затоа што до 2018 година воопшто не постоеше никаква поддршка за македонските извозници. Инвестираме во извозот, затоа што имаме знаење, капацитет, високи стандарди во работењето и можеме достојно да се носиме со кој било производ од наш сегмент во светот.

    Поддршката на инвестициите на извозно ориентираните компании, кои работат на полето на иновации и истражување и развој, носат многубројни придобивки. Како за самите компании во однос на зголемување и осовременување на капацитетите, така и за државата, во насока на зајакнување на економијата, градење на компании и производи со додадена вредност, нови вработувања и слично.

    Можеме ли да најавиме освојување на нови пазари? Нови инвестиции?

    2023 година на глобално ниво беше исполнета со многу предизвици: нестабилни цени на суровини, пад на индустриско производство во регионот, зголемување на невработеноста, раст на инфлацијата – што се само некои од насловите кои можеше да се прочитаат во економските анализи по медиумите. Нашава земја во изминативе години, помина низ многу турбуленции, а прекумерната политизираност во сите пори на општеството не даде доволно простор за поголем економски развој. Факт е дека секоја компанија во земјава дава некаков придонес за целокупната економија, а со сета неизвесност која владее и се чувствува не само во земјава, туку и на останатите пазари во регионов, компаниите се соочуваат со разни ризици и трошат драгоцено време и ресурси за надминување на сѐ поизразените административни бариери. „Алкалоид“, благодарение на успешното управување со пазарните текови и високото ниво на оперативен менаџмент, успеа да ги осигури пласманите и да го зачува интегритетот на секој вработен и секој акционер на компанијата. Нашата цел останува да се диференцираме преку знаење и развој на производи со додадена вредност, а на овој курс сме решени да останеме и во иднина, работејќи на натамошна глобализација на брендот „Алкалоид“, достоинствено и посветено, со практикување високи етички стандарди, кредибилитет и професионален пристап во севкупните операции.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично