Македонскиот ајвар е најдобрата закуска на светот за 2023. Го зазема првото место на TasteAtlas Awards во таа категорија. Воедно, пласирана е и оригиналната рецепта за нашиот традиционален специјалитет.
Информацијата ја соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
„Нашиот традицонален ајвар, го зазема првото место на TasteAtlas Awards 23/24: www.tasteatlas.com/best/foods-by-category. Компетентните велат дека Ајварот 🇲🇰 е најдоброто уживање во светот во 2023 година.
Овој традиционален вкус од пиперки и модар патлиџан е еден од најпопуларните закуски низ целиот Балкан и Источна Европа. Најценетиот вид ајвар често е македонскиот, кој се прави само со црвени пиперки“, напиша министерот на својот „Фејсбук“ профил.
Ваквите вести го прават среќен, вели Николовски и додава – „токму затоа ја даваме поддршката за малите производители со грантови до 10.000 евра, за набавка на опрема за модернизација, афирмација и промоција на своето производство“.
Во рамките на Програмата за рурален развој е мерката „Бизнис план“ за поддршка на индивидуалните земјоделци и фирми кои се занимаваат со земјоделско производство. Минатата недела беа доделени 206 договори за набавка на производствена опрема и механизација. Се работи за грантови во висина до десет илјади евра. Мерката стартуваше во мај.