„Пари“ ги стави под лупа огласите и платите: Ќе се најдат ли продавачи?
Од 7.391 слободно работно место, дури 4.318 се во трговијата, покажува анализата на Агенцијата за вработување. Трговците се во постојана потрага по вработени. Во медиумите се повеќе пласираат вести дека нудат бонуси и мотивации за вработените. Но, што всушност се случува во пракса?
Според податоците од Државниот завод за статистика, во секторот „Трговија на мало, освен трговија со моторни возила и мотоцикли“ просечната плата во 2022 година изнесувала 26.324 денари и е за 14,9 проценти поголема од просекот во 2021 година. Според искуствата на вработените, но и според огласите, едно работно место обично опфаќа повеќе работни позиции (на пример, касиер, примач, одржувач на хигиена, да реди производи), се бара работење во смени и работа во сабота, а во големите трговски центри и во недела. Работодавачите, пак, во огласите за вработување го нагласуваат она што на работниците со закон им следува – дека прекувремената работа се плаќа. Или дека ќе им се плаќа минатиот труд, што исто е законска одредба, и тоа по 0,5 проценти за секоја помината година (во било која фирма претходно), како и дека ќе го добиваат законскиот К-15.
„Пари“ ги прелиста слободните работни места огласени на платформите за вработување и заклучокот е дека речиси и нема трговски ланец со храна кој не бара работник. Се бараат касиери, лица кои ќе редат артикли, магационери… Но, ретко кој огласува јавно колкава плата нуди. Доблест за тоа има Кам, кој во огласот напишал дека се бараат продавачи и касиери, кои од првиот работен ден ќе имаат плата од 21.500 денари и веднаш додаток за минат труд. По завршувањето на обуката основната плата е 24.500 денари и е нагласено дека е повисоко платен секој поминат час прекувремена работа, како и дека регресот за годишен одмор е 33.000 денари.
Платата е напишана и од страна на „Стокомак“. Според огласот, се бара касиер/ка во маркети во повеќе населби. Почетната плата е 22.000 денари, а по завршување на тримесечната обука има можност за зголемување на 24.500 денари. И во овој оглас се наведени додатоците, што и онака по закон работодавачот мора да ги исплати.
Веро, пак, преку ПР оглас се пофали дека со исплатата на февруарската плата, околу 1.000 вработени во Веро и во Џамбо маркетите ќе добијат зголемени нето-плати до 3.000 денари. Оттаму велат дека ова е втор поголем финансиски надомест за вработените во компанијата за четири месеци, откако во ноември менаџментот донесе одлука да им исплаќа месечен бонус од 2.000 денари, што ќе биде редовна пракса.
Но, ако се прочитаат условите за вработување на нивната веб страница, тие се дискриминаторски. Нагласено е дека се примаат вработени на возраст од 18 до 35 години, што е дискриминација според возраст. Како и дека „најбрз начин на кој можете да аплицирате е да го подигнете и пополните формуларот во нашите супермаркети и да го доставите со Ваша фотографија“.
„Рамстор“ нуди компететивна плата. Така барем пишува во огласот, но не и колкава е таа плата. Затоа, прецизен е списокот на очекувањата. „Од тебе ќе се очекува: 1. Да вршиш операции за наплата на производи и да се грижиш за точност на касата; 2.Нудиш акциски производи; 3.Сортираш, организираш и редиш производи на рафтови; 4. Комуницираш со потрошувачи и им помагаш при избор на соодветни производи; 5.Следиш рокови за важење на производите и им ги менуваш цените на истите“, пишува во огласот.
И „Тинекс“ јавно не открива колква плата нуди. Но, нагаласува дека ги дава законските додатоци.
Во Македонија, пак, според најавите, се очекува отворање нови маркети, а меѓу нив е и „Лидл“, кој ако понуди подобри услови за работа уште повеќе ќе го потресе пазарот на труд и ќе им земе дел од вработените во сегашните маркети, од кои и онака често си заминуваат работници.
Порталот „Пари“ наскоро (кога ќе бидат готови податоците за 2022 година) ќе ги објави платите во трговските компании, но и нивните профити. Засега, потсетуваме на 2021 и на 2020 година. http://pari.com.mk/kam-najgolemi-palti-marketi/
КАМ, ВЕРО, СТОКОМАК, КИППЕР… Кој од најголемите маркети дава најголеми плати, кој најмали?
Во „Кам“, во 2021 година просечната плата била 26.167 денари и тоа е скок од шест проценти во однос на просекот од 2020 година. Таму платите биле највисоки. А, најниски во „Верополус“, каде просекот изнесувал 19.979 денари, при што во 2021 година имало скок од 12 насто во однос на 2020 година.
Редакција Пари