ГЕН-И ја финализираше изградбата на досега најголемата соларна електрана во Македонија и ја приклучи на мрежа во септември, 4 месеци пред дадениот рок. Електраната со вкупно 17 MW ќе произведува 25000 MWh зелена енергија што би можела да снабдува над 5500 македонски домаќинства.
Групацијата ГЕН-И доби право за изградба на 10 MW, 5 MW и 2 MW соларна електрана во областа Амзабегово преку владиниот тендер – Отворена постапка во 2019 година. Оттогаш компанијата ја развиваше деградираната област и изгради соларна електрана со големина на 30 фудбалски игралишта. Република Македонија е важен партнер во извршувањето на проектот, како клучна, стратешки засегната страна, но и како директна договорна страна, а почетокот на оперативноста претставува важна пресвртница за експанзијата на ГЕН-И кон изградба на големи соларни електрани, како и клучен придонес во зеленото сценарио на Република Македонија, според Стратегијата за развој на енергетиката на Република Македонија.
„Денес започнува со работа новата, најголема досега, 17MW соларна електрана. Со оваа инвестиција правиме чекор напред кон иднината, кон енергетската независност, кон зајакнувањето на зелената економија и подобрувањето на животниот стандард. Денеска кога целиот свет е исправен пред енергетска криза, обезбедуваме чиста енергија, добиена од нашето македонско сонце, која ќе снабдува над 5 500 македонски домаќинства. Поставуваме курс за тоа како треба да изгледа државата во иднина кога зборуваме за производство на енергија и зелена индустрија и економија која се стремиме да ја креираме. Македонија е партнер од доверба, денес сме дестинација која инвеститорите ја преферираат затоа што тука препознаваат партнер, најдобра поддршка и услуга. Како одговорна Влада, се бориме за секој денар нова странска инвестиција во државата – чекор по чекор, инвестиција по инвестиција. Честитки до групацијата ГЕН-И, посакувам успешна работа и уште многу зелени инвестиции“, истакна премиерот Димитар Ковачевски.
Групацијата ГЕН-И е една од најбрзо растечките и најиновативните компании на европскиот енергетски пазар. Групацијата прерасна во меѓународна корпорација присутна на повеќе од дваесет европски енергетски пазари на големо, има водечки пазарен удел на словенечкиот пазар за снабдување и напредни услуги што ја поддржуваат дигиталната зелена трансформација на енергетскиот систем и општеството.
„Важноста на инвестициите во зелена енергија и намалувањето на зависноста од фосилните горива во денешно време се поочигледни од кога било. Мило ми е што ГЕН-И е во првите редови во овој сегмент, не само во Словенија туку и на меѓународно ниво. Македонија секогаш беше важен пазар за нас и со оваа инвестиција се поврзуваме уште повеќе. Исто така, ова е значајна пресвртница за компанијата, покажувајќи ја нашата волја да ја водиме зелената трансформација и способностите за реализација на проекти за обновливи извори на енергија од големи размери. Благодарни сме на сите вклучени страни кои помогнаа овој проект да биде успешен”, изјави д-р Игор Копривникар, претседател на управниот одбор на Групација ГЕН-И.
Министерот Бектеши кажа дека инвестицијата на ГЕН И е вистински пример дека политиките и мерките за енергетска трансформација и зголемување на производство на зелена енергија коишто почнавме да ги спроведуваме пред само три години почнаа да ги даваат своите резултати.
„Денеска сме сведок за почеток на работа на уште еден енергетски капацитет којшто ќе го зголеми домашното производство на електрична енергија од обновливи извори. Наш приоритет посебно сега во време на енергетска криза е обезбедувањето на сигурно снабдување со енергија, економски раст и придвижување кон зелена економија“, кажа Бектеши.
Министерот Бектеши кажа дека ГЕН-И доби 17 од 35 мегавати што беа понудени на тендерот од Министерството за економија од Јавниот повик за изградба на фотонапонски централи на државно земјиште со премиум тарифа. Со оваа инвестицијата се добиени дополнителни 17 мегавати електрична енергија од обновливи извори, за споредба во изминатите 30 години во државата се изградени вакви капацитети од само 19 мегавати. Во мрежата годинава се приклучени фотонапонски централи со вкупна моќност од 67,5 мегавати, согласно очекувањата од другите инвестиции кои се реализираат, до крајот на годината треба да се обезбедат вкупно 150 мегавати електрична енергија од соларни централи, без инвестициите во Осломеј. Вкупно во рок од 2,5 години ќе имаме инсталирана снага од над 220 мегавати, а се подготвуваат и нови повици. Согласно овие инвестиции од мај до октомври нашата потрошувачка ќе ја покриваат само инвестициите од обновливи извори на енергија.
Електраната се состои од 31 772 соларни панели на површина од 300 000 квадратни метри со 17MW номинална инсталирана моќност и предвидено производство од 25000 MWh енергија годишно.