ПОВЕЌЕ

    Објавена забрана за движење низ шума, дали со неа се прикрива прекумерната сеча што ја прави ЈП Национални Шуми за огревно дрво, прашуваат еко-активистите

    Време зa читање: 5 минути

    Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство по барање на ЈП „Национални шуми“ – Скопје, согласно член 57 став 2 од Законот за шумите, даде согласност за воведување делумна забрана за движење во шумите и шумското земјиште во периодот од 6:00 до 20:00 часот. Делумната забрана за движење во шума ќе стапи на сила од 24.06.2022 година и ќе трае се до проценката дека е намален ризикот од појавана шумски пожари, односно до нејзиното отповикување, објави денес во своето соопштение на „Национални шуми“.

    Од таму посочуваат дела оваа делумна забрана за движење во шумите и шумското земјиште не важи за Министерството за внатрешни работи, Шумската полиција, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, ЈП „Национални шуми“, субјектите што вршат шумскостопански активности, сеча, дотур и транспорт на дрво и дрвни сортименти, стручните служби на концесионерите на дивечот во ловиштата и лица коишто имаат писмено одобрени за движење во шумите.

    ДАЛИ ЗАБРАНАТА ИМА ЗАДНИНА?

    Донесената забрана за движење низ шумските предели во државата може да е само обид да се сокрие од јавноста безмилосната сеча која се одвива со амин на надлежните државни институции, пред се на јавното претпријатие Национални Шуми, предупредуваат активисти за заштита на животната средина и планинари. “Дали забраната за движење низ шума, која годинава е прогласена многу порано во однос на претходните години, се должи на зголемената побарувачка на огревно дрво и засиленото и безмилосно сечење на шумите со амин на ЈП Национални шуми“, прашува Југослава Дуковска, еко-активист.

    „Ми се гади од сите државни и јавни институции кои дозволија ваков масакр“, коментира на својот Фејсбук профил Игор Смилев од велешки Грин Пауер за голата сеча на буковата шума над велешкото село Папрадиште, која ја спроведуваат приватни лица, концесионери на ЈП Национални Шуми. „Престанете да се криете зад парчето хартија за легална сеча и да си ја перете вашата ништовна совест“, додава тој.

    „Кога се носи ваква одлука, дрвокрадците на раат сечат и никој нема да ги примети и пријави. Овие мерки се за нив, за да им се овозможи непречено соголување на шумите. Организиран криминал, секоја година“. „3.600 денари за кубен метар крадени дрва, кои ти ги носат ноќе. Во оваа беспарица, луѓето масовно ги купуват тие наместо регуларните 5.000 денари за кубик, се само дел од коментарите на граѓаните на социјалните мрежи.

    РЕКОРДНА ПОБАРУВАЧКА НА ОГРЕВНО ДРВО

    „Оваа година имаме рекордна побарувачка на огревно и техничко дрво и ние сме можеби една од индустријата што не можат да обезбедат толку колку што можат да обезбедат пласман и тоа е навистина реткост во Македонија, но и по оваа цена мислам дека дрвото ќе биде најефтиниот енергенс кој можат да го користат граѓаните“, се пофали пред пред три недели првиот човек на Национални Шуми, Валентин Груевски.

    Според пишувањата на медиумите, огревното дрво за загревање на домовите чини до 5.000 денари по кубик, по обиколката на приватните складишта. Алфа Телевизија во разговор со приватните сопственици, излезе со информација дека цените се многу повисоки од лани. Кубен метар бука е околу 2.800 денари, додека од даб чини 4.600 денари. Од јавното претпријатие „Национални шуми“ се уште нема одговор за тоа колку ќе чини нивното дрво за огрев, тие најавија информација за цената за неколку дена.

    Новиот предлог-ценовник ќе биде доставен до Владата, најверојатно, кон крајот на јуни, до кога ќе се прават дополнителни анализи. Ако Владата го прифати тоа што го најавуваат од „Национални шуми“, кубен метар бука, на пример, од 2 890 денари ќе поскапи на околу 3 500 денари, соопшти на почетокот на месецов директорот на ЈП Национални Шуми.

    Да се воведе времена забрана за извоз на огревно дрво, побара денеска опозициската партија Левица. Во партиското соопштение се наведува дека ова мерка е потребна со оглед на големата побарувачка на овој енергенс и со цел да се намали недостатокот на дрвна маса што директно се одрази и на производителите на пелети. Најголем дел од нив веќе најавија и второ зимско покачување на цената на овој вид енергенс поради увозната зависност. Се бара и енергетско преструктурирање на друг вид енергенси, а не само на огревното дрво, а со тоа ќе се намали и самата побарувачка, како и екстремното загадување на воздухот во текот на зимскиот период, информирање на јавноста за тоа колку тони дрвна маса месечно се извезува во други земји.

    „Огревното дрво пред почетокот на следната грејна сезона ќе поскапе за 20 отсто, а пелетите веќе се продаваат по речиси 50 отсто повисока цена. Цената на еден кубен метар дабово дрво во приватните складови достигнува и до 5000 денари. Најупотребуваниот енергенс во Македонија, што го ползуваат околу 71% од граѓаните станува се потешко достапен, особено за најсиромашните слоеви . Големата побарувачка за овој вид енергенс на светскиот пазар, како и зголемениот постојан и неплански извоз придонесе цената на огревното дрво и пелетите континуирано да расте, а голем дел од складовите за огревни дрва во Македонија да зјаат празни“, се наведува во соопштението.

    Левица укажува дека Министерството за земјоделие како директно надлежна установа за стопанисување со дрвната маса се уште е без стратегија, и покрај тешките околности. Во надлежност на Министерството е и издавањето Одобренија за извоз на трупци, огревно дрво и други производи од дрво, но на нивната веб страница нема официјални податоци за вкупниот број извезени трупци од Македонија.

    Редакција „Пари“ упати прашања до ЈП Национални шуми за ценовникот на огревното дрво, како и за наводите за прекумерната сеча на шумскиот фонд.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично