Црн дијамант стар милијарда години, за кој се смета дека е најголемиот изрежан во светот, беше купен со помош на криптовалута на аукција за 3,16 милиони фунти или 4,3 милиони долари.
Црниот, фенси дијамант со природна боја, познат како „Енигма“, тежи 555,55 карати, според Sotheby’s, а беше прикажан во Лондон помеѓу 2 и 9 февруари.
Аукциската куќа во средата преку твит потврди дека црниот дијамант е купен со помош на криптовалута. Сотби не го именуваше купувачот, но претприемачот Ричард Харт твитна дека го освоил дијамантот и дека ќе го преименува во „дијамант HEX.com“, по неговиот бизнис со сертификати за блокчејн депозити.
„Енигма“ беше прогласен за најголем режан дијамант во светот од 2006 година, во Гинисовата книга на рекорди. Сотби го нарече дијамантот „едно од најретките чуда стари милијарди години познати на човештвото“. „Енигма“ е таканаречен „карбонадо“ дијамант, кој се наоѓа во наоѓалишта блиску до или на површината на Земјата, што покажува дека може да дојде од вселената.
„Се смета дека овој специфичен тип на црн дијамант е создаден или од метеорски удари, кои произведуваат природно хемиско таложење на пареа или од вонземско потекло – од експлозии на супернови кои формирале астероиди со дијаманти, кои на крајот се судриле со Земјата“, објаснуваат од Сотби.
Повеќето други дијаманти се наоѓаат длабоко во Земјата, додека на карбонадите им недостасуваат минерали содржани во тие скапоцени камења. Според Sotheby’s, карбонадото содржи траги од азот и водород, кои ги има во изобилство во меѓуѕвездениот простор, како и осборнит, кој се наоѓа во метеорите.
Староста на карбонадото обично се движи од околу 2,6 до 3,8 милијарди години – Земјата е стара 4,5 милијарди години.
Ги има во Бразил или Централноафриканската Република, кои биле меѓусебно поврзани повеќе од милијарда години, и биле составен дел од она што се нарекува суперконтинент Родинија. Сотби објавија дека ова ја дополнува теоријата дека карбонадото доаѓа од вселената, бидејќи се верувало дека областа била погодена од метеорити додека биле дел од овој суперконтинент.
Карбонадоите се формираат од случајно ориентирани, ситни дијамантски зрна, кои апсорбираат повеќе светлина и го создаваат нивниот црн изглед. Структурата на карбонадо ги прави речиси невозможни за сечење и полирање, според Sotheby’s, и беа потребни повеќе од три години за да се обликува овој дијамант во неговата сегашна форма. Се сметаше дека „Енигмата“ тежела над 800 карати во својата груба форма.