Во јануари лани Фондот за пензиско и инвалидско осигурување изброја 323.503 корисници на пензија. Ни малку не беше лесна година за сите граѓани, а камоли за пензионерите кои освен што половина од нив имаат месечни примања до 14.000 денари, мораше да внимаваат и да не се разболат од корона поради и така хроничните болести со кои живеат. Како и да е, на крајот на годината 2021-ва Фондот забележал 5.067 пензионери повеќе отколку на почетокот на годината. Според последната статистика за декември лани во земјава бројот на корисници на пензии изнесува 328.570.
Просечната јануарска пензија изнесувала 15,650 денари. Согласно законското усогласување што се врши според движењето на индексот на трошоците на живот најниските пензии добија покачување за 134 денари, а просечната пензија за 185 денари. Во декември статистиката на ПИОМ забележала дека просечната пензија во земјава изнесува 15,876 денари.
Најголем дел од пензионерите во земјава ја стекнале пензијата по основ на работно право и нивниот број изнесувал 322,349 на почетокот на минатата година. По основ на воено право со пензија се обезбедиле 1,065 пензионери и по земјоделско право 89 пензионери. Состојбата во декември 2021 година изгледа вака: 327,535 пензионери се стекнале со пензија по основ на работно право, 961 воено право и 74 земјоделско право. Податоците говорат дека пораснал бројот на пензионери со примања обезбедени врз основа на работно право, а се намалиле кај воените пензонери и по основ на земјоделско право.
Најдобра пензија и во 2021-ва година продолжуваат да имаат воените пензионери. Во просек примањата на овие пензионери на почетокот на минатата година биле 22.951 денар. После нив се пензионерите со старосната просечна пензија која изнесувала 16.895 денари. На крајот на годината со усогласувањето просечната воена пензија се покачила на 23.108 денари, додека старосната на 17.140 денари.
Кај најниската просечна пензија земјоделската промената изнесува 97 денари, односно во јануари таа изнесувала 8,167 денари, додека во декември 8,264 денари.
МАКСИМАЛНИ ПЕНЗИИ
На почетокот на минатата година висината на максимални пензии се движела од 40,067 денари до 54,335 денари. Вкупно 2.580 пензионери во јануари се вбројувале во групата пензионери со максимални примања или нивното учество во вкупната структура изнесувало 0,8 %.
Во декември месец највисока пензија се движи од 40,548 денари до 57,992 денари. Бројот на пензионери корисници на најбогатите пензии се намалил на крајот на годината и изнесува 1.340 пензионери.
МИНИМАЛНИ ПЕНЗИИ
Најмали пензии земаат граѓаните што отишле во пензија во 1997 година. Висината на оваа пензија изнесува од 9,868 денари до 11,014 денари. Бројот на пензионери корисници на оваа пензија е 5.026.
Сепак позагрижувачки е бројката од 60.651 пензионер. Оваа бројка се пензионери кои заминале во пензија 2002-ра и тие влегувааат во минимални пензии со примања од 10,363 денари до 11,564 денари. Овие бројки во јануари лани покажале дека секој петти пензионер има пензија во висина до 11,564 денари.
Што покажуваат бројките на крајот на годината? Во декември во пензионери со најниски примања кои се стекнале во ’97-ма со пензија имаат пензии од 9,986 денари до 11,146 денари. Нивниот број за разлика од јануари на крајот на годината се намалил на 4.478 пензионери.
Што се однесува до најголемата група корисници на минимални пензии, тие на крајот на годината земаат пензии во висина од 10,487 денари до 11,703 денари. Нивниот број во декември изнесува 65.535 или тоа значи дека и на крајот на годината секој петти пензионери зема пензија до 11,703 денари.
Она што е за охрабрување е што пензионерите ќе добијат за 2,9 насто повисоки јануарски пензии, согласно законско утврденото покачување. Ова би значело дека за пензија од 11 илјади денари пензионерите ќе добијат по 320 денари повисока пензија, додека просечната пензија ќе биде повисока за 460 денари и ќе изнесува 16 336 денари. Од фондот за пензиско и инвалидско осигурување велат дека пресметките се прават и оти и овој месец граѓаните ќе добијат предвремена исплата на пензиите.
Но, од Партијата на пензионери очекуваат пензиите да бидат дополнително зголемени и покрај законското покачување. Веќе една година се во преговори со Владата, а во текот на овие 10 дена ќе побараат промена на моделот за пресметка на пензии. Според нив пензиите треба да се зголемат во согласност со растот на минималната и просечната плата, а не само да се земаат во предвид трошоците на живот.
Редакција Пари
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира