ПОВЕЌЕ

    Признанија за три компании со најдобра пракса за безбедност и здравје при работа во 2021

    Време зa читање: 3 минути

    „Кромберг и Шуберт“ – Битола, Млекара АД – Битола и Риве Шпед – Богданци се трите компании во земјава најдобро рангирани  согласно Националната награда на компанија со најдобра пракса за безбедност и здравје при работа 2021 година. Нивниот избор го  организираше Националниот совет за безбедност и здравје при работа, со поддршка на Министерството за труд и социјална политика (МТСП), а министерката  Јагода Шахпаска денеска им додели плакети на компаниите кои се избрани согласно оценката на комисиите.

    Доделувањето на признанијата на компаниите и оваа година поради пандемијата се одржува подоцна, за време на одбележувањето на Европската недела за безбедност и здравје на работа (БЗР) наместо како што се практикуваше порано, на 28 април – Светскиот ден за БЗР.

    Како што соопшти МТСП, при доделувањето на признанијата инистерката Шахпаска истакна дека човечкиот капитал е најважен и затоа вреди секој влог во обезбедувањето безбедни работни места и зачувување на здравјето при работа.

    – Од особено значење е вашиот придонес што вие како компании го давате во ширењето на пораката за важноста на вложувањето во континуиран развој и унапредување на безбедноста и здравјето на работните места, почитувањето и ефикасното имплементирање на законските обврски во оваа област, рече министерката Шахпаска.

    Таа изрази задоволство дека бројот на пријавени компании оваа година е значително зголемен за разлика од минатата.  Вкупно 23 компании оваа година се пријавија на јавниот повик за избор на компанија со најдобра пракса за безбедност и здравје, за разлика од минатата година кога имаше осум апликанти.

    Министерката се осврна и на темата на двегодишната кампања во областа на БЗР -превенцијата и управувањето со мускулно-скелетните нарушувања (МСН) поврзани со работата, како еден од најзастапените здравствени проблеми кои се јавуваат кај работниците во Европа, а се директно поврзани со работата и работните места. Тие се и најчестите причини за инвалидност и за боледување на работниците, а тоа директно влијае на намалена продуктивност и на вработените и на компаниите.

    Претседателката на Националниот совет за безбедност и здравје при работа, Јасмина Чаловска, им честиташе на најдоброрангираните компании за нивната посветеност во обезбедувањето безбедни работни места и грижа за здравјето на вработените и ја истакна исклучителноста на работата на стручните комисии за безбедност и здравје при работа кои, како што рече, и во отежнати услови предизвикани од пандемијата успешно си ја завршија работата, ги посетија компаниите со цел да се согледа реалната состојба на терен.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично