ПОВЕЌЕ

    ПАРТИЈА НА ПЕНЗИОНЕРИ СО ОТВОРЕНО ПИСМО – ДЕМАНТ до Претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите

    Време зa читање: 4 минути

    ПАРТИЈА НА ПЕНЗИОНЕРИ (ПП), со индигнација го отфрла и најостро го осудува непромисленото, неаргументираното и неодговорното клеветење од страна на Претседателката на СЗПМ, искажано во нејзиното писмо, испратено до Претседателите на Здруженијата на пензионери, во кое врз основа на измислени и непостоечки “објави на социјални мрежи и содржина на текстови доставени до СЗПМ“ и било “очигледно“ дека главен организатор, на протестите и реакциите на групи пензионери и поединци во врска со актуелните состојби при спроведување на изборите во пензионерските здруженија и СЗПМ и начинот на прибирање и трошење на членарината која ја плаќаат пензионерите во ЗП, наводно била ПП.

    Писмото, од 31.03.2023 година, кое Претседателката на СЗПМ го испратила до Претседателите на Здруженијата на пензионери е штетен спин и манипулација, со која се нанесува сериозен удар на пензионерското организирање, бидејќи преку клеветење на ПП, прави обид на протестите и јавно искажаните критики и незадоволство од неколку групи на пензионери, за „установените“ манипулаци на изборниот процес за раководства во некои здруженија и СЗПМ, лажно да го претстави како „обид за растурање на Солидарниот фонд“ и тоа така што им „прикачува“ наводна политичка позадина. Всушност цел е да се разводни и во иднина да се спречи делувањето на овие поединци и групи пензионери кое е исклучиво насочено кон критики за начинот на прибирање на средствата за членарина и Солидарниот фонд, трошењето на парите на пензионерите и спроведување на изборите во некои пензионерски здруженија.

    При тоа Претседателката, на која само кога и „одговара“ се претставува како член на граѓанска организација, жестоко реагира доколку во групите што протестираат забележи лица кои освен што се членови на ЗП се и членови на ПП, веројатно затоа што во името на партијата го има и зборот пензионер.

    Наместо што се труди да ги „преброи“ членовите на ПП во пензионерската организација, бидејќи членувањето во партиите е легално и законски уредено, Претседателката треба да одговори на пензионерите:

    • зошто и после изминување на целиот претходен нејзин мандат не поведе иницијатива и не го раскина Меморандумот за соработка со политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, кој го потпиша во име на СЗПМ нејзиниот претходник.
    • колку истакнати активисти на водечките политички партии во земјата има во највисоките органи на СЗПМ и ЗП, зошто се „кријат“ таквите состојби и зошто јавно искажаната „забрана“ за членување во органите на ЗП и СЗПМ, се однесува само на членови на ПП.
    • зошто пречи интересот на членовите на ЗП, да добијат одговори и да бараат одговорност за начинот на трошење на нивните пари од членарина, иако тоа нивно право го гарантираат законите и Уставот.
    • зошто е проблематично да се расправа во пензионерската популација за начинот на прибирање на средства за Солидарниот фонд и членарината и зошто постои меѓусебна условеност помеѓу нив, ако и во двата случаи се работи за лични средства кои ги плаќаат пензионерите.
    • зошто статутарно не се ограничи бројот на мандати во ЗП и СЗПМ на кумулативно вкупно најмногу два мандати, за било кои функции за кои се прима месечен надомест и со тоа да се намалат можностите за изборни малверзации.
    • зошто Претседателката на СЗПМ, при нејзиниот прв избор за Претседател на СЗПМ, бараше и ја прифати подршката токму од членовите на ПП и беше чест гостин кај Претседателот на Партија на пензионери и што се смени во меѓувреме.

    Потсетувајќи дека една од примарните цели за формирање на Партија на пензионери и една од носечките програмски определби е континуирано да придонесува во заштита на правата и интерсите на пензионерите, исклучиво со волонтерска работа и без да потроши ниту еден пензионерски денар, делувајќи согласно со Законот за политички партии, партијата ниту има потреба ниту пак се „крие“ зад активности на групи пензионери.

    ПП како демократска партија, не може, не сака и не си дозволува активности насочени против делување на граѓанските организации, а најмалку против такви организации во кои делуваат пензионери. Но од истите причини ПП не може и не смее да кочи или запира било чии иницијативи кои имаат за цел да ги разобличат манипулативни и криминално сомнителни постапки на, во овој случај, „вечните“ раководители во ЗП и СЗПМ во спроведување на изборните постапки и трошењето на парите кои ги даваат пензионерите, туку спротивно доколку постојат сериозни индиции и сомневања да придонесе состојбите да се разјаснат и вистината да излезе на виделина.

    И на крај, по втор пат, најенергично демантираме било каква вклученост на Партија на пензионери во организација на протестите на групи пензионери и нивните јавно искажани лични ставови, стои во соопштението испратено од ПАРТИЈА НА ПЕНЗИОНЕРИ до нашата редакција

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично