ПОВЕЌЕ

    Владата донесе мерки: 5,7 милиони евра за бескаматни кредити и 50 отсто пониски давачки за придонеси

    Време зa читање: 4 минути

    Владата излезе со првите економски мерки за компаниите погодени од коронавирусот. Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска денеска соопшти две мерки: едната за давање бескаматни кредити за микро, мали и среди претпријатија и другата за субвенционирање на придонесите за вработени од секторите што се погодени од вирусот.

    5,7 милиони евра за кредити

    За првата мерка, рече Царовска, обезбедени се 5,7 милиони евра за кредити во висина од 3 до 30 илјади евра.

    „Првата мерка се однесува на директна финансиска поддршка за ликвидност на микро, мали и среди претпријатија. Обезбедени се вкупно 5,7 милиони евра со кои ќе се кредитираат директно компании погодени поради неликвидност, односно компании чија економска активност е погодена од коронавирус. Кредитите се дизајнирани со големо внимание водејќи се од тоа да може да се одржат што поголем број на компании. Секоја компанија, во зависност од бројот на вработени, ќе може да добие од 3 до 30 илјади евра кредит“, рече Царовска.

    Висината на кредитите што ќе можат да се земат е:

    • Микрокомпаниите до 10 вработени ќе можат да подигнат кредит од 3 до 5 илјади евра.
    • Малите компании од 10 до 50 вработени ќе можат да подигнат кредит од од 10 до 15 илјади евра.
    • Средните компании од 50 до 250 вработени ќе можат да подигнат кредит од 15 до 30 илјади евра.

    Она што е важно, рече Царовска, е дека овие кредити се бескаматни, односно со нула проценти камата. Имаат грејс-период од 6 месеци и период на отплата од две години.

    Администрирањето на кредитите ќе биде бесплатно.

    Субвенции за плаќање на придонесите

    Втората мерка, посочи вицепремиерката, е за поддршка на компаниите во делот на исплата на плати и придонеси и таа се носи бидејќи, потенцираше, мора да се задржи секое работно место.

    „Затоа правиме напори да ја олесниме исплатата на плати во овој период на неизвесност и затоа обезбедуваме субвенционирање на придонесите за вработените во компаниите од секторите туризам, транспорт, угостителство и други погодени компании за април, мај и јуни 2020 со цел да субвенционираме придонеси по вработен во висина од 50 проценти од придонесите за исплатена просечна плата во 2019“, рече Царовска.

    Таа соопшти и три услови за да можат компаниите да ја користат оваа мерка:

    • Компанијата да не го намали бројот на вработени под бројот на вработени кој бил во февруари 2020 година;
    • Компанијата да не исплатила дивиденда во 2020 година;
    • Компанијата да нема исплатено награди и бонуси по влегување во сила на мерката.

    „Само компаниите што имаат остварено добивка како финансиски резултат од работењето во 2020 година ќе вратат субвенциите за придонес во износ од 50 проценти од добивката при оданочување, што значи дека мерката е директно насочена да им помогне на компаниите кои оствариле послаб финансиски резултат поради коронавирусот“, рече Царовска.

    Ослободување на аконтациите од данокот

    Покрај Царовска, неколку мерки соопшти и министерката за финансии Нина Ангеловска.

    Една од тие мерки е ослободувањето на аконтациите од данокот на добивка за следните три месеци: април мај и јуни.

    „Погодените компании, како туризам, угостителство и транспорт, но и други погодени сектори, ќе им биде овозможено да не ги плаќаат аконтациите од данокот на добивка“, рече Ангеловска.

    Условите за оваа мерка се исти како и за субвенционирањето:

    • Компанијата да не го намали бројот на вработени под бројот на вработени кој бил во февруари 2020 година;
    • Компанијата да не исплатила дивиденда во 2020 година;
    • Компанијата да нема исплатено награди и бонуси по влегување во сила на мерката.

    Намалување на законската затезна камата и на казнената камата

    Дел од барањата на коморите, рече Министерката, биле и намалување на каматите и некои парафискални давачки.

    „Во таа насока законската затезна камата ќе биде намалена за 50 проценти. Односно, од 10 на 5 проценти за правни кон правни лица и од 8 на 4 проценти за правно и физичко лице“, вели министерката.

    Понатаму, таа соопшти дека ќе се намали и казнената камата за јавни давачки од 0,03 проценти на 0,015 проценти.

    Да се работи и во четири смени, Санитарен инспекторат ќе дава дозволи за товарни возила

    Вицепремиерката Царовска излезе и со препораки до работодавците да го реорганизираат работењето во фабриките и погоните. Да се работи во смени, по потреба и во четири смени, рече таа, со цел да има што е можно помал број вработени во ист момент во фабриките.

    При промена на смени, порача Царовска, да се дезинфицираат фабриките.

    Таа зборуваше и за товарните возила што влегуваат во земјата и посочи дека дозвола за нив ќе издава Санитарниот инспекторат.

    „Заради непречен влез и транзит на товарни возила, Санитарниот инспекторат преку ‘Макам транс’ ќе дава дозволи за влез со цел да не престане трговската размена со ниедна земја. Овие товарни возила ќе влезат во Република Северна Македонија со посебни услови на заштита и согласно протокол подготвен од Министерството за здравство“, рече Царовска.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично