Во новиот Кривичен законик се предвидува посебно кривично дело за загрозување на стабилноста на банкарскиот систем преку неосновано ширење неточни информации, за кое ќе биде предвидена и затворска казна. Ова го најави пратеничката и членка на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Бојковска, во дебатната емисија „Анализа“ на ТВ24.
Нејзината изјава доаѓа во момент кога Народната банка веќе презеде правни чекори поради јавни изјави поврзани со Алта банка АД Битола. Народната банка потврди дека до Основното јавно обвинителство Скопје поднела пријави поради, како што наведе, „јавни изјави со сериозни и непоткрепени обвинувања поврзани со Алта банка АД Битола“. Содржината на пријавите засега не е јавно објавена.
Според неофицијалните медиумски информации, пријавите се однесуваат на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на партискиот потпретседател Александар Трајановски, на генералниот секретар Александар Саша Димитријевиќ и на секретарот за меѓународна соработка, Андреј Жерновски.
Бојковска рече дека новиот Кривичен законик веќе е испратен до Европската комисија и дека во него ќе биде вграден нов член кој ќе ги опфати ситуациите поврзани со банкарскиот сектор и ширењето лажни информации.
„Знаете дека го испративме Кривичниот законик до Европската Комисија, но во тој Кривичен законик ќе има еден нов член којшто ќе ги предвидува овие ситуации, ќе се воведе како кривично дело за ситуација настаната, поврзана со банкарскиот сектор и ширење на лажни информации, се вели, загрозување на стабилноста на банкарскиот систем во којшто неосновано во јавноста ќе се шират неточни информации со што ќе се загрози стабилноста на банкарскиот систем“, рече Бојковска.
Таа додаде дека за ова дело е предвидена казна затвор.
„За ова кривично дело ќе се воведе казна затвор бидејќи не можете вие да ширите лажни информации, политички да профитирате, да се обидувате политички да профитирате и за тоа да не сносите одговорност, на овие ситуации ќе им ставиме крај“, изјави Бојковска.
Исто така, ги прочита и одредбите што, според неа, ќе бидат содржани во новиот член. Кривичното дело ќе се однесува на лице кое, користејќи ја својата службена или општествена положба и углед, со лажни изјави или исправи ќе изнесе во јавност неточни информации со кои ќе се загрози стабилноста на банкарскиот систем.
Бојковска ги поврза најавените законски измени со јавните настапи на СДСМ во случајот Алта банка. Таа оцени дека однесувањето на опозицијата и на нејзиниот претседател во изминатите денови било неодговорно и дека предизвикувало страв и паника кај граѓаните во период кога Народната банка и Владата бараат решение за преземање на банката од друга банкарска институција.
(Илустрација генерирана со вештачка интелигенција)
Аналитика








