ПОВЕЌЕ

    Зошто компаниите сѐ помалку бараат и земаат кредити од банките?

    Време зa читање: 4 минути

    Компаниите во земјава сѐ помалку бараат кредити за инвестиции, а не се многу расположени ниту за други видови кредити. Во текот на целата 2023 година има пад во побарувачката на корпоративни кредити за инвестиции во основни средства, покажа Анкетата за кредитната активност на банките спроведена од Народната банка на Македонија.

    Порталот „Пари“ ги обработи анализите на НБРСМ, кои покажуваат целосно намалување на побарувачката за кредити од компаниите во 2023, но прогнозираат нејзино зголемување во првиот квартал од годинава. А, и бројките за кредитни пласмани на банките во корпоративниот сектор го потврдуваат тоа.

    Заклучно со декември 2023, вкупните кредитни пласмани на банките во корпоративниот сектор изнесуваат 276,2 милијарди денари и за една година бележат раст од незначителни 1,9%. Најголем дел од кредитните пласмани на банките се во трговијата на големо и мало, каде што на крајот од минатата година биле пласирани кредити во износ од 82 милијарди денари. Кредитирањето на трговците од страната на банките лани се зголемило за 4% во споредба со 2022 година.

    Градежништвото е следната индустриска гранка што има повлечено најмногу кредити од банките – 43,8 милијарди денари заклучно со декември 2023 година. Кредитите за градежните компании бележат раст од 6,4%.

    Потоа следуваат кредитните пласмани во дејноста снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (21,7 милијарди денари), транспорт и складирање (18,1 милијарда денари), производство на метали, машини, алати и опрема (18 милијарди денари) и прехранбената индустрија (17,2 милијарди денари).

     

    За што најмногу се задолжуваат компаниите?

    Компаниите лани најмногу се обраќале кај банките за задолжување за алтернативно финансирање на бизнисите, односно за инвестиции во залихи и обртен капитал, интерно финансирање, престуктуирање на долгот и за заеми од останати банки.

    Анкетата на Народната банка покажува дека во 2022 компаниите сѐ уште биле расположени за инвестиции во раст на бизнисот, но многу помалку отколку во периодот 2017-2019 година, кога се забележува најголема побарувачка за кредити за инвестиции во основни средства.

    Се менува и структурата на другите кредити што им се потребни на компаниите. Во периодот од 2013 до 2022 година значително била изразена побарувачката на кредити за инвестиции во залихи и обртен капитал, но веќе во 2023 драстично се намалува.

    Дури и за преструктуирање на постоечките долгови компаниите бараат сѐ помалку пари од банките. Од 2013 година има континуиран пад на побарувачката за овие кредити со одредени годишни осцилации.

    Затоа, пак, има драстично зголемување на побарувачката на кредити за интерно финансирање, тренд кој започнува во 2020 и достигнува највисоко ниво во 2023 година.

    *Извор: НБРСМ

    Во четвртиот квартал на 2023 година, Анкетата укажува на поумерено нето намалување на побарувачката на корпоративните кредити, во споредба со претходната анкета. Сепак, најголемиот процент од банките укажуваат на непроменета кредитна побарувачка (околу 98% од банките). Нето-намалувањето на побарувачката во четвртиот квартал е во согласност со очекувањата за нето-намалување, наведени во претходната анкета. За првиот квартал од 2024 година, банките очекуваат посилно нето-зголемување на кредитната побарувачка од страна на претпријатијата. Анализирано од аспект на факторите коишто влијаат врз побарувачката на корпоративните кредити, во групата ‘потреби од финансирање’, инвестициите во основни средства се клучен фактор којшто придонесува за нето-намалување на кредитната побарувачка, и тоа значително посилно во споредба со претходната анкета. Факторите поврзани со употребата на алтернативно финансирање придонесуваат кон умерен раст на побарувачката на корпоративните кредити“, стои во Извештајот на НБРСМ.

     

    Кои се причините за воздржаноста на компаниите?

    Една од причините, секако, е зголемувањето на каматните стапки на кредитите. Тоа го покажува и Анкетата на НБРСМ, во која влијанието на монетарната политика на централната банка врз одобрувањето кредити за корпоративниот сектор од незначително во 2021 станало делумен фактор во 2023 година. Во изминатата деценија, влијанието на овој фактор врз кредитирањето на компаниите е најизразено во 2022 и 2023 година.

    Банките немале никаков проблем да обезбедат финансиски средства за кредитирање на корпоративниот сектор. Односно, причината за намаленото кредитирање на компании не е поврзана со капиталната или ликвидносната позиција на банките. Но, затоа драстично е зголемено влијанието на факторот „ризик од неизвршување на обезбедувањето“.

    Факторите од групата „согледување на ризикот“ и понатаму придонесуваат за нето-заострување на кредитните услови, со исклучок на факторот очекувања за вкупната економска активност, каде што во овој квартал се забележува дека придонесува за нето-олеснување“, констатираат од Народната банка.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично