ПОВЕЌЕ

    Железници ќе емитува, Владата ќе купи акции за 15,7 милиони евра

    Време зa читање: 3 минути

    Железници на Република Македонија Транспорт АД Скопје ќе ја издаде четвртата емисија акции по пат на приватна понуда. Одобрение е добиено од Комисијата за хартии од вредност.

    Ќе се емитуваат 962.913 обични акции. Притоа, продажната цена е еднаква со номиналната и изнесува 1.000 денари за акција. Вкупната продажна вредност на емисијата e 962.913.000 денари или речиси 15,7 милиони евра.

    Издавањето на хартиите од вредност е во функција на зголемување на основната главнина, како што се наведува во објавата од КХВ, заради создавање услови за непречено функционирање.  Приватната понуда е наменета за познат купувач, односно за единствениот акционер – Владата.

    Состојбите во ова државно претпријатие веќе подолго време се алармантни. Само во првата половина од годинава загубите изнесуваат близу 65 милиони евра. Работењето е проследено со укинување линии и чести протести на машиновозачите. Инаку, во претпријатието работно се ангажирани 941 лице: седуммина се во менаџерскиот тим, 191 во дирекцијата, 450 во влеча на возови, 175 во товарниот и 118 во патничкиот собраќај.

    На нивната веб-страница уште пишува – „со вкуптно 699 км пруга, Македонски железници Транспорт АД – Скопје поседува 1.525 товарни вагони, 75 патнички вагони, 40 дизел и 16 електро локомотиви“, а во „возниот парк има 11 дизел моторни возови и 4 електромоторни возови“.

    Притоа, наведуваат, за корисниците обезбедуваат високо-квалитетни, навремени и безбедни услуги.

    На терен работите се поинакви. На 25 октомври беа укинати двата воза што дневно сообраќаа на релацијата Скопје-Битола-Скопје. Засега во тој правец оди само еден воз. Поврзаност има со Велес. За Кичево, Кочани и Табановци на веб-страницата стои „за возен ред 2022/23 година на оваа релација не се предвидени возови“. Всушност, кратењето на линиите е една од активностите што се спроведува со години наназад.

    „Ако сакаме да имаме успешен патнички и товарен сообраќај, успешно претпријатие во делот на железниците, мораме да направиме либерализација на железничкиот сообраќај во државата“, рече неодамна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, во одговорот на пратеничко прашање, посочувајќи на вината што во овој дел ја имаат парламентарците, затоа што од 20 јуни во Собранието се заглавени предложените измени на Законот за железнички систем.

    И за самото претпријатие нагласи дека е потребно преструктуирање, а се дотогаш „ќе кубури“ и на некој начин ќе го „држиме во живот“. За Македонски железници, според Бочварски, за годинава се обезбедени 450 милиони денари (7,3 милиони евра), но и дополнителни средства, кои до крајот на 2023 „веројатно ќе достигнат до 640 милиони денари“, или 10,4 милиони евра.

    M.A.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично