Над 11 тони македонски пиперки што Бугарија ги врати поради зголемено ниво на пестициди ќе бидат уништени, но се уште не е решено каде. Ова денес на прес конференција го соопшти директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, откако соседната земја, членка на Европска Унија врати поголема пратка на пиперки со потекло од нашата земја, поради присуство на пестицидот форметанат, над дозволените граници.
„Операторот има право пиперката да биде уништена или да биде вратена и ние заедно со Инспекторатот за земјдоелство да ја уништиме по негово барање или по барање на земјата увозник. Известени сме за конкретниот случај, чекаме да видиме дали ќе биде уништена во Бугарија или ќе биде вратена тука, па операторот ќе ја уништи на Дрисла“, изјави Mиланов, одговорајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Министерството за здравство.
ВИСОКОТОКСИЧЕН ПЕСТИЦИД ВО ДОМАШНИОТ ЗЕЛЕНЧУК
Дозволените граници за присуство на остатоци од форметанат во нашата земја се целосно идентични со оние во Европската Унија, бидејќи македонското законодавство е целосно усогласено со европската Регулатива (ЕЗ) бр. 396/2005 преку домашните правилници за максимално дозволени количини (МДК) на пестициди.
Според важечката регулатива, постојат конкретни дозволени граници на присуство на форметанатот по култури: Домати: Дозволената граница изнесува 0,2 mg/kg., Јагоди и грав со мешунка: Дозволената граница е 0,3 mg/kg, додека за овошје и зеленчук каде што нема посебно пропишани повисоки нивоа, границата е поставена на најниското техничко ниво на детекција (LOD), што изнесува 0,01 mg/kg или 0,05 mg/kg во зависност од методот на тестирање.
Форметанат е екстремно отровен (високотоксичен) за луѓето и може да претставува сериозна закана по здравјето дури и при минимална изложеност. Како карбаматен инсектицид, тој делува како опасен нервен отров кој го блокира клучниот ензим холинестераза во телото.
Најновиот случај со зеленчук вратен од извоз поради преголемо количество отровни земјоделски препарати повторно ја врати во фокус загриженоста на македонските потрошувачи за квалитетот на храната која ја јадеме, како и за ефикасноста на контролите на храната која завршува на домашните трпези.
Супстанцата е класифицирана како фатална при голтање или вдишување. Дури и многу мали количини од концентратот можат да предизвикаат брзо и тешко труење кај луѓето. Исто така, човек човек може сериозно да се затруе доколку консумира зеленчук кој е третиран со форметанат, но тоа зависи исклучиво од начинот на кој е користен пестицидот.
Според расположливите податоци, најчести начини во зеленчукот третиран со форметанат да се најдат опасни или отровни количества на пестицидот се непочитување на каренцата – ако земјоделецот го испрска зеленчукот (на пример, домати или пиперки) и го собере и продаде пред да помине пропишаниот рок (каренца), во зеленчукот остануваат екстремно високи, опасни количини од отровот или доколку при прскањето се употреби многу поголема концентрација од дозволената, растението не може да го разгради отровот навреме.
МАКЕДОНСКИОТ ЗЕЛЕНЧУК СЕ ПОЧЕСТО НА ЦРНАТА ЛИСТА
Ова не е прв случај македонското овошје и зеленчук да биде вратено од извоз откако анализите утврдиле зголемено присуство на пестициди, хербициди или други земјоделски хемиски препарати над дозволените граници. Во последните три години (2024–2026 година), регистрирани се неколку официјални случаи преку Европскиот систем за брзо предупредување за храна RASFF, каде што пратки со зеленчук од Северна Македонија биле стопирани на границите на Европската Унија и вратени назад поради недозволено присуство на пестициди. Хрватските погранични контроли преку официјална RASFF нотификација (2025.6197) евидентирале присуство на истиот пестицид форметанат во пратка со свежи црвени пиперки (ајварка) со потекло од Северна Македонија.
Во октомври 2025 година, европскиот систем за брзо предупредување откри високи концентрации на опасниот и забранет пестицид метомил во црвени пиперки (ајварки) потекнуваат од Македонија, кои беа повлечени од пазарот во Хрватска. Наодите покажуваа надминување на дозволените граници за пет пати, по што беа извршени вонредни инспекциски контроли кај домашните производители и откупувачи. Овој забранет пестицид е многу штетен за здравјето на луѓето и неговата употреба е забранета во Европската Унија.
Метомилот во високи дози може да предизвика оштетување на црниот дроб и бубрезите, а во свежите пиперки анализирани на 23 септември е утврдено присуство од 0,049 мг на килограм, што е пет пати повисоко од дозволената граница.
Аналитика








